Војводата Димче Могилчето, на 4 јануари 1908 година, со својата чета паѓа во заседа на турскиот аскер во битолското село Ношпал, каде што се самоубива за да не падне жив во рацете на турскиот аскер.
Димко Сарванов, меѓу народот познат како Димче Могилче или Димче Могичето е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Роден е во 1879 година во битолското село Могила, по кое го добива и својот прекар Могилчето со кој ќе стане познат и популарен помеѓу народот.
По завршувањето на основното училиште станува член на ВМОРО и активно се вклучува во борбата за ослободување на Македонија и македонскиот народ во Отоманското Царство. Набрзо влегува во четата на Ѓорѓи Сугарев со која дејствува во битолскиот крај и Мариово. За време на Илинденското востание дејствува во реоните на Пелистер и Преспа.
Во 1904 година станува војвода на самостојна чета.
Особено се истакнал по својата храброст и јунаштво во борбата со турските даночници – арачлии како Селим и Шефкија, поради што Димче Могилче станува омилен херој на народот опеан во повеќе народни песни со комитска тематика од битолскиот крај.
Меѓу народните песни за Димче Могилче од кои има повеќе разни верзии најпозната е песната Абер ми иди од Могила. Во оваа македонска народна песна се пее за подвигот на Димче Могилче по убиството на турскиот арачлија Шефкија, за што дознал и битолскиот валија Селим ефенди, кој се решил да се пресмета со Димче Могилче и комитите од Могила.
Постојат неколку верзии на песната, а се разликуваат единствено во некој од стиховите.
Димче Могилчето, чии фамилијарни корени се од Ношпал, селото каде што загинал, е погребен на битолските гробишта Света Недела. Неговите мошти во октомври 2013 година се пренесени во црквата Св. Архангел Михаел во неговото Могила.
Песната за Димче Могилчето:
Абер ми иди од Могила,
низ поле Пелагониско,
право ми оди Битола
Битола кај валијата.
Валијо бре Селим-ефенди
Могила е полна кумити
таму е Димче Могилче.
Налутил се Селим-ефенди,
спрегнал си коња дорија
одбрал си аскер најсилен
утре ќе оди Могила
одбрал си аскер најсилен
низ прстен јајце да протни.
Излези бре Димче Могилче
жената ќе ти ја украдам
далеку ќе ја однесам
во сарај ќе ја потурчам.
Ај од тука Селим-ефенди
ај од тука куче касапско,
кожата ќе ти ја одерам
на плевна ќе ја обесам.
Видео-аудио од песната може да отворите ТУКА.
(Подготвил: Д.Г.)