На денешен ден во 1924 година кај селото Лопово на Пирин Планина е убиен Тодор Александров, а во 1970 година во Скопје е роден поранешниот премиер Никола Груевски.

За убиството и нарачателот на Александров во историската наука постојат повеќе верзии, а токму Груевски, кој доби политички азил во Унгарија по политичкиот прогон во Македонијаи, објавува опширен текст за македонскиот револиционер Тодор Александров.

Текстот од Груевски го објавуваме подолу:

На денешен ден – 31 август, во 1924 година е убиен Тодор Александров. Формално и де јуре тој бил член на тричлениот централен комитет (колективно извршно раководство на ВМРО), а не формално и де факто како резултат на авторитетот кој го уживал и влијанието кое го имал бил лидер на ВМРО и еден од нејзините најславни лидери во 41 година постоење на Организацијата.

Често пати сме прочитале негови мисли, изјави, писма и разговори со војводи извадени од спомените на тие војводи или од други извори.

 Во оваа прилика за оние кои ги интересира да прочитаат сакам да доловам како изгледало секојдневното дејствување на теренот на ВМРО под водство на Т.Александров од 1919 година кога тој а малку пред него и Александар Протогеров избегале од затворот во Софија од каде требало да бидат екстрадирани во Србија која ги барала од Бугарија, ја возобновиле организацијата и ја направиле толку силна што цели пет години ниту Бугарија, ниту Србија и Грција не можеле да се справат со нивните активности.

Со неговото убиство завршува и периодот на суверено носење одлуки на раководството на ВМРО.

Но, до неговото убиство Тодор Александров и неговите комитски чети и војводи буквално се “ноќна мора” , пред се за кралството СХС, но и за Бугарија и Грција и особено за нивните воено безбедносни и политички органи, нивни подржувачки паравоени групи и поединци.

Најдобар начин да се долови нивната активност на теренот е да се набројат и накратко да се опишат како изгледале, кога се случиле и со каков интензитет биле нападите на чети на Организацијата кои во тој период најчесто преминувале од пиринскиот дел на Македонија под бугарска власт (каде се засолнувале и каде воспоставиле еден вид власт), на вардарскиот дел на Македонија под српска власт и егејскиот дел на Македонија под грчка власт.

Еден таков текст кој наликува на еден вид билтен на борбени настани и оружени напади на ВМРО пренесувам како дел од монографијата за војводата и некогаш член на ЦК на ВМРО Ефрем Чучков од Штип, објавена со многу нови истражувања во 2017 година од Проф.Др. Никола Жежов, кој текст без разлика дали додека се чита некому е повеќе или помалку интересен, предолг или содржаен, на крајот се добива многу пореално чувство и слика за тоа како изгледало во периодот од 1919 година (кога по првата светска војна се возобновила Органзицијата) па се до убиството на Тодор Александров на 31.Август 1924 година наспроти себе да го имаш ВМРО предводено од Тодор Александров и сите негови чети, борци, комити, војводи… со огромен број оддадени на каузата фанатици подготвени за секаква вклучително и лична жртва за ослободување на Македонија и со какви непријатности, напади и жртви се соочувале воено-безбедносните структури на Белград.

Покрај ова како линк во овој ФБ статус, оние кои ги интересира, можат да го прочитаат авторскиот текст на новинарот на англискиот The Times кој на 4. Јануари 1924 година се сретнал и подолго разговарал со Тодор Александров на планините во пиринска Македонија, превземен од порталот “Македонска нација”.

Но најпрвин на овој ден кога се сеќаваме на Тодор Александров, оној кого го интересира и сака да посвети време на тоа, може преку овој текст пореално и поблиску да го почуствува неговото водство директно на теренот на борбите, како и храброста и пожртвуваноста на војводите и комитите под негово водство…

*. *. *

1.Почетоците на комитските навлегувања на теренот на Брегалничкиот округ, датираат во почетокот на 1919 година, во почетокот на март 1919 година, во Кустендил во Бугарија започнало собирање на некои комитски војводи, меѓу кои биле и штипскиот војвода Иван Јанев-Брло и кочанскиот војвода Симеон Георгиев. Во Кустендил исто така се подготвувала чета која требало да премине во Вардарска Македонија во периодот меѓy 10 и 15 март, а присуството на комитски чети во Брегалничкиот округ го забележало и Министерството за војна на Кралството СХС, кое со писмо му јавило на командантот на III армиска област дека „војводата Иван Брло често оди во Штип…”. Војводата Иван Јанев Брло бил забележан и во околината на Радовиш со чета во бројност од 12 луѓе, заедно со војводата Ангел Бондичев од Велес, кој од ВМРО бил одреден за Тиквешкиот округ, Штипскиот војвода Иван Брло поради разбојништвата и пљачкањата што ги вршел пред се врз богати Власи во Брегалничкиот округ, бил осуден на смрт од ЦК BMPO. Меѓутоа тој го положил оружјето и побарал да го одведат кај Александров. Меѓу другото, Иван Брло се бранел со зборовите: Но, јас немам друг занает. Комита од дете, од овчарче. Комита сум, ниту можам да шијам, ниту можам да плетам, ниту можам да пишувам – неписмен сум, требаше да живеам понатаму.”

Штипскиот војвода се каел поради пљачкањата што ги вршел заедно со Григор Циклев, како што велел, во името на Тодор Александров. Тој бил амнестиран од ЦК на ВМРО и пак поставен за Штипски окружен војвода, а за докажување на верноста морал, според сеќавањата на некои македонски дејци, да го убие министерот во земјоделската влада на Стамболиски, Александар Димитров, што и го сторил во октомври 1921 година.

Со цел забрзување на подготовките за вооружени судири на четите на ВМРО со органите на власта на Кралството, Александров и самиот решил да замине во Македонија. Во месец април 1919 година, Тодор Александров и Славе Иванов со уште 4 курири тргнале преку Кустендил – Ѓуешево, ја минале границата и пристигнале на територијата на Кралството СХС, кај селото Станци, Кривопаланечко.

Судирот кај Радичево

Ноќта меѓу 13 и 14 мај 1919 година се случил и еден од првите судири меѓу комитска чета и војската на Кралството СХС. Вооружениот судир се одиграл кај селото Радичево, на границата меѓу Кралството и Бугарија, при што комитска чета од 10-12 четници имала вооружена пресметка со пограничните органи на Кралството СХС. Комитите биле одбиени, а бил убиен војводата Атанас Стојанов од село Дукатино, Радовишко. Во мај 1919 година, војводата Иван Јанев-Брло со своите четници се наоѓал во близина на селото Долни Балван, во околината на Штип. Органите на власта на Кралството ги кренале своите служби за уништување на војводата, бидејќи тој е најдрскиот бугарски комита, а најголем наш злосторник во Македонија. Извештаите на безбедносните служби на Кралството СХС за комитите на ВМРО постојано го употребувале терминот „бугарски“, што претставувало општоусвоена формулација и за останатите македонски организации. Овој термин го употребувале и во кореспонденцијата со европските држави, со што сакале директно да ја обвинат Бугарија дека ги поддржува македонските организации и дека се обидува да го диктира решавањето на македонското прашање во нејзина корист.

Во текот на 1920 година, префрлувањата на комитски чети и на нивните вооружени акции во Брегалничкиот округ биле по зачестени. Делегатот на Кралството СХС во Софија, Докиќ, известил дека преку Ќустендил ќе поминат 10 и преку Петрич 20 комити во Вардарска Македонија, со цел да ги убијат сите српски четници и војводи кои се наоѓалината на Штип, Кочани, Кратово и Царево Село.

Од Бугарија почнало префрлањето на четници и млади луѓе-пропагандисти, со задача да го обезбедат доаѓањето на поголеми чети и да ги подготват каналите за илегална работа. За Брегалничкиот округ бил задолжен војводата Иван Брло со 10-12 четници. При преминувањето на границата, комитите често се судирале со пограничните органи на Кралството. На 4 мај 1920 одина, војници-граничари од 12-тата чета од караулата,Кадии ца” забележале комитска чета од 10-12 луѓе. Притоа настанала орестрелка во која еден комита загинал, а другите побегнале преку границата.

Во средината на 1920 година, најмногу комитски чети имало во околината на Штип и Кочани, каде што се забележувало постојаното присуство на штипскиот војвода Иван Јанев-Брло. Во еден извештај од месната полициска управа во Штип од мај 1920 година, се наведува дека во околината на Штип влегле комитските чети на војводите Симеон Георгиев-Кочански и Иван Брло и се барало од летечкиот одред на Јован Бабунски да им отиде на помош на српските жандарми, бидејќи од него “комитите имаат страв.” Во август 1920 година, војводата Иван Јанев Брло со својата чета се наоѓал во Овчеполската околија, но се вратил во Ќустендил за да донесе повеќе луѓе за комитска акција против режимот на Кралството.

Месните органи на власта, поради постојаното присуство на чети во Штипско, барале засилување со уште еден баталјон војска, со што би се спречиле комитските акции. Во август 1920 дина, во Брегалничкиот округ, околу Штип и Кочани престојувал и Тодор Александров, чијашто цел била да се организира четничка акција во Македонија под српска власт, како и да го организира македонското население на претстојните избори во Парламентот на Кралството да избере претставници кои ќе се борат за Македонија како автономна област во Кралството СХС.

Комитски чети на теренот на Брегалничката област

Во текот на 1920 година, Тодор Александров уште еднаш престојувал во Брегалничкиот округ, и тоа во ноември, кога заедно со 5-6 четници се наоѓал во едно село близу Кочани. Присуството на комитски чети на теренот на Брегалничкиот округ во текот на 1920 година, се заокружило со навлегувањето на 8 комитски чети од Бугарија на територијата на Кралството СХС. Водачите на овие чети, по бројност од 5 до 10 луѓе, биле стари комитски војводи и тие со себе пренеле револуционерни книги и терористички брошури. Овие книги биле разнесувани од нивни пријатели и стари организациски работници и преку „комунистичките водачи.” Ваквите чети биле присутни во Малешевско, Радовишко и Кочанско. Тоа, всушност, е периодот на изборите во Кралството СХС, кога ВМРО на терен агитирала да се гласа за кандидатските листи на КПЈ, како најприфатливо политичко решени во тој момент.

Во пролетта и летото на 1921 година, присуството на комитски чети на теренот на Брегалничката област се забележувало поради зачестените престрелки меѓу нив и војската и полицијата на Кралството СХС, при што понекогаш имало и човечки жртви. Ha 6 април 1921 година, во вечерните часови, бил убиен Јован Прелев од Берово во неговата колиба на 7 km од границата. Откако му биле одземени паричните средства во износ од 300 лева, непознатите сторители побегнале во Бугарија.Во овој случај можно е и да не се однесува на комитска чета на ВМРО, иако српската власт сите вооружени напади и ги припишувала на Организацијата.

Во текот на јули и август 1921 година, комитските чети се појавиле во Штипско, Кочанско и Радовишко. На 31 јули 1921 над, 15 комити се појавиле на патот Радовиш-Штип и кај месноста Бучински Поток наишле на еден Србин, кој го истепале и опљачкале, а потоа се упатиле кон село Почивало за да се пресметаат со селаните што биле на српската страна. Комитите, според весникот Политика, биле облечени во бугарска војничка униформа,а оружјето им било од бугарските воени магацини. Против нив биле пратени жандарми и летечки одреди. Спомнувањето на наводните бугарски униформи во српските извештаи имало за цел да ја компромитира ВМРО во очите на македонскиот народ, кој во тоа време и давал огромна поддршка во Вардарскиот дел на Македонија.

Во Радовишката околија се појавила уште една комитска чета во бугарска војничка униформа и со бугарски пушки, пишува Политика. Кај местото „Ломнија“, комитите ги фатиле Дестан Али и Никола Стрчевиќ, ги тепале и ги воделе со себе од место до место. Али успеал да побегне и на полицијата да и го посочи правецот во кој отишла комитската чета.

Началникот на Кочанската околија со депеша јавил дека на 27 август, ноќта околу 10 часот, била нападната жандармериската станица во Лисец од околу 50 луѓе, при што тие ја опљачка станицата и ја однеле муницијата. Во нападот бил ранет еден жандарм, а по напаѓачите била пратена потера.

Во 1922 година, вооружените судири меѓу комитските чети на ВМРО, од една страна, и војската, полицијата и т.н. летечки одреди на Кралството СХС, од друга страна, на теренот на Брегалничката област добиле димензии на фронтална војна. Во фебруари 1922 година, во селото Арбасанци (Светиниколско) дошло до судир меѓу четата на војводата Иван Јанев-Брло, составена од 15-16 души и околу 500 души потера, составена од Срби и Турци.

Жестоки судири меѓу комитските чети и силите на режимот на Кралството СХС

Весникот Илинден изнесува дека имало 7 убиени и 14 ранети од српска страна, а од четата на Иван Брло 4 лесно ранети и еден заробен. На врвот Ѓуриште (Светиниколско) на 27 февруари 1922 година се судрила скопската комитска чета на Величко Велјанов Чичето во состав од 12 луѓе, со српска потера составена од 400 луѓе, при што биле убиени 3 Срби и деветмина Турци, а од комитската чета имало еден лесно ранет. Вооружените судири продолжиле на 4 март 1922 година во село Спанчево (Кочанско), каде што соединетите чети: Штипската на Иван Брло, Кочанската на Панчо Михајлов и Кратовската на Мите Опилски, во бројност од 34 комити, се судриле со српска потера од околу 600 души. Биле убиени 3 Срби и неколку ранети, а од здружените комитски чети имало еден лесно ранет.

Жестокоста на вооружените судири меѓу комитските чети и силите на режимот на Кралството СХС, го натерале Министерството за внатрешни работи како мерка да ги зголеми паричните награди за фаќање или убивање одредени комитски војводи. За оној којшто ќе го фател, убиел или ќе помогнел во убиството на штипскиот војвода Иван Јанев Брло, се предвидувала парична награда од 50.000 српски динари, додека за оној кој ќе го сторел истото со кумановскиот војвода Лазар Велков од село Дивле, се нуделе 30.000 динари. И покрај овие делумни мерки на органите на власта на Кралството, комитските напади толку се засилиле што, како што информира весникот време, а тоа го пренесол и весникот Илинден, една комитска чета во јули 1922 година, во ноќни услови се обидела да изврши напад врз касарната во Штип. Четата била забележана од војничката стража во касарната, при што дошло до пукање од обете страни. Комитите неколку пати се обиделе да влезат во касарната, но по неуспешните обиди ги прекинале нападите и се повлекле. Судирот поминал без загуби и од двете страни.

На 18 август 1922 година, редовната патрола од станицата Горни Балван во бројност од 3 жандарми, околу 17 часот на патот меѓу селата Чардаклија и Сарчиево (Штипско), забележала комитска чета од 12 луѓе. Дошло до борба која траела половина час. Големото невреме што почнало, ја прекинало борбата. По еден час дошле жандарми од село Ерџелија и заедно со останатите го пребарувале теренот во потрага по комитската чета.

По овие борби настанало извесно затишје, кое траело до декември 1922 година, кога судирите меѓу двете страни повторно се разгореле. На 10 декември дошло до вооружен судир кај селото Станиевци, Светиниколско, меѓу дел од Штипската чета во бројност 12 луѓе и српска потера од 20-30 луѓе, при што биле убиени 6 потерџии, а од четата еден бил по лесно ранет. Покрај веќе уценетата глава на војводата Иван Јанев-Брло, по оваа битка рeжимот во Белград распишал награда за заробување или убивање на Тодор Александров во износ од 100.000 динари.

Во 1922 година, кога на територијата на Вардарска Македонија се разгорувале борбите меѓу четите на ВМРО и вооружените формации на Кралството СХС, во тие случувања се вклучувале и разни безбедносни и други служби на одделни европски ржави, кои со свои доверливи податоци ја помагале едната или другата страна. Според строго доверлива информација од британскиот Скотланд јард предочена на органите на власта на Кралството СХС, бугарско-македонскиот” комитет го препорачал човекот наречен Марјан Калифаски како погодна личност да го убие српскиот крал Александар на денот на неговата венчавка. На извесниот Калифаски за таа цел му било речено да контактира со српските комунисти” За судбината на овој потфат на ВМРО нема достапни изворни податоци, кои би ја поткрепиле оваа информација на Скотланд јард.

Последниот вооружен судир во 1922 година се случил на 30 декември, кога една жандармериска патрола од Царево Село требало да спроведе заробен комита во Штип. Во долината на реката Брегалница, кај местото „Црн Камен”, биле нападнати од комитска чета од заседа, со цел да го ослободат нивниот заробен другар. По неуспешниот напад, комитите се повлекле без загуби, а жандармите имале еден ранет.

Во почетокот на 1923 година имало речиси секојдневни преминувања на комитски чети од Бугарија на територијата на Брегалничката област, а со тоа почести биле нивните судири со жандармериските и воените сили на Кралството. Цел на комитските напади биле и месни личности и семејства кои соработувале или биле блиски со српскиот режим.

Во текот на 1923 година, четите на ВМРО започнале со позасилени напади и врз колонистичките населби што ги имало во голем број во Брегалничката област. Во почетокот на јануари 1923 година, комитска чета влегла во село Семник во Царевоселската околија, каде што ја нападнала куќата на Вангел Анастасовиќ. Комитите со фрлање бомба во неговата куќа ја раниле жена му, а при обидот на домаќинот да побара помош од селаните, бил убиен и тој, и покрај предупредувањата на комитите да застане.

Во почетокот на јануари, комити успеале да навлезат во самиот град Штип, да ги изведат надвор од градот градскиот полјак и кметот, при што полјакот го убиле, а кметот бил одведен со нив. На првиот ден на Божиќ, една комитска чета ја нападнала жандармериската станица во село Драмче во Царевоселската околија, при што нивниот напад бил одбиен. Весникот Време сметал дека овие напади биле веројатно дело на војводата Панче Михајлов-Чавдар.

Писмото со заканувачки тон

Ноќта помеѓу 16 и 17 јануари 1923 година се случил еден од најкрвавите напади на четите на ВМРО врз српска колонистичка населба не само во Брегалничката област, туку и пошироко во Вардарска Македонија. Здружените комитски чети на војводи те Иван Јанев-Брло, Лазар Дивљански и Топалов во бројност од 30-тина луѓе влегле во село Кадрифаково и ги нападнале првите куќи на ова колонистичко село. Според Политика, колонистите дале силен отпор, но и покрај тоа од четите на ВМРО биле убиени 26 колонисти, 15 биле ранети, изгореле 5 куќи и биле уништени многу глави добиток. Според Министерството за внатрешни работи на Кралството пак, биле убиени 15 колонисти, 6 ранети, а имало жртви и на страна на комитите. Министерството по овој настан ја уценило главата на Тодор Александров од 100 на 250.000 динари.

По завршувањето на нападот, комитите оставиле писмо од Т. Александров до колонистите и до претставниците на власта на Кралството СХС. Во писмото со заканувачки тон се предупредувале српските колонисти да не доаѓаат да се населуваат во Македонија, бидејќи сите нив ќе ги снајдела истата судбина што ја доживеале Србите во Кадрифаково.

Крвавите настани во ова светиниколско село предизвикале во Штип да дојде командантот на целокупната жандармерија на Кралството СХС и шеф на државната безбедност, Жика Лазиќ. Цел на неговата посета била зацврстување на безбедноста во Брегалничката област и заштита на границите од комитските чети, а во таа насока било и поставувањето на Добрица Матковиќ за нов велик жупан и неговото доаѓање во Македонија.

Поради ваквите настани во Вардарска Македонија и посебно во Брегалничката област, дошло до влошување на односите меѓу Кралството СХС и Бугарија, бидејќи владата на Кралството сметала дека официјалната бугарска власт го толерира постоењето на комитските чети на ВМРО на ината територија и дека ги помага четите, а тоа пак владата на А. Стамболиски, од своја страна, го негирала.

Навлегувањата на комитските чети во Брегалничката област не биле запрени, за што сведочеле многубројните престрелки меѓу четите на ВМРО и жандармеријата и војската на Кралството СХС.

Во јануари 1923 година, една жандармериска патрола, крстосувајќи во околината на Берово, влегла во куќата на еден Арнаутин. По пречекорувањето на прагот, низ отворот на таванот припукале пушки, при што еден жандарм бил смртно погоден. Комитската чета заедно со јатакот успеала да побегне преку граница. На 26 јануари 1923 година, околу 5 часот попладне, комитска чета навлегла во Малешевската околија и се упатила кон местото Обозна. Меѓутоа, селаните и жандармите биле известени за нивното доаѓање, така што им поставиле заседа пред селото. По двочасовна борба, комитите се повлекле во правец на Бугарија. Во борбата загинал еден жандарм, двајца селани биле ранети, а на страна на комитската чета имало 8 ранети. Според Политика, намерата на комитите била да го казнат селото, поради тоа што не сакало да им јатакува.

На 27 јануари 1923 година, една жандармериска патрола тргнала за село Неманци, Овчеполско, поради сомнение дека некои од селаните се комитски јатаци. Кога патролата дошла пред куќата на Гаврило Зотов била пречекана со стрелба од страна на комитска чета. При тоа, смртно бил ранет жандармот Иса Чижњак. Комитите ја напуштиле куќата и еден дел од потерата тргнал по нив. Јатаците биле фатени и им биле предадени на властите.

Напади на комитски чети во почетокот на 1923 година имало и против српските колонисти во деловите на Брегалничката област што граничеле со Бугарија. На 10 февруари 1923 година, според Време, комитска чета во состав од 20 до 25 луѓе ја нападнала куќата на колонистот Иванко Богоевиќ во село Ветрено во Царевоселската околија. Комитите ја опколиле неговата куќа, успеале да влезат во неа, при што ја убиле 55-годишната Иванка Веселиновиќ и двете деца на Иванко Богоевиќ. Селаните и жандармеријата отвориле оган на четата, по што таа побегнала преку границата.

Некои од комитските напади имале за цел изнудување пари каков што бил случајот со Ѓорѓи Тренчев од село Двориште, Беровско. Тој и неговиот син биле врзани од страна на комитите и им биле барани пари. Откако не успеале да добијат пари, таткото и синот биле убиени од комитите, кои ја опљачкале покуќнината и побегнале преку граница.

За големите судири на комитски чети со жандармеријата и војската на Кралството СХС во март 1923 година, известувале поопширно српските весници Време и Политика, а делумно и списанијата и весниците на македонската емиграција во Бугарија. Во официјалните документи, преписки, извештаи, телеграми и писма на органите на власта на Кралството, поголемиот дел од овие вооружени судири не се спомнуваат. Така, според Време, во началството на Брегалничката област дошол извештај дека во село Танатарци, кое е оддалечено 20 km од Штип, имало комитска чета од 50 добро вооружени луѓе. Била пратена српска патрола од 10-тина луѓе, која не се вратила, со што началството заклучило дека во селото има силна комитска чета. Во селото Танатарци по тоа била пратена засилена жандармерија, која наишла на вкрстен оган од пушки од сите куќи на селото. По извесно време, комитите и селаните започнале да ги напуштаат куќите и да се повлекуваат кон бугарската граница. Во борбата, според весникот Време, од српска страна загинале 1 подофицер, а биле ранети 2 војници. Непознати биле загубите на комитската страна. Во напуштеното село не била пронајдена ни трага од првата војничка патрола што била пратена.” Според понатамошните извештаи на Време, за борбата во селото Танатарци се дознавало дека во селото влегле три комитски чети под команда на извесниот војвода Луканачки. Во борбите загинал полицискиот писар Перовиќ, а биле убиени уште 8 војници, кои биле пратени на помош на жандармеријата. Покрај телото на полицискиот писар било најдено писмо, напишано, како што се велело, од рака на учен човек, во кое пишувало дека така ќе поминел секој што го пљачка народот. Жителите на селата Танатарци и Љуботен побегнале на планината Плачковица.

ВМРО во Бугарија во полуилегална состојба

Борбите во Штипско продолжиле на 6 март 1923 година. Еден баталјон пешадија од војската на Кралството бил пратен од Штип да гони комитски чети во реонот на реката Крива Лакавица. При тоа, во селото Лесковица, кое се наоѓа 20-тина км од Штип, баталјонот наишол на комитска чета од 50 луѓе. Две чети пешадија со митралези и машински пушки го опколиле селото и го нападнале, а и комитите возвратиле. Војската со бомби го нападнала селото, по што дошло до повлекување на комитите. До битка дошло и на реката Лакавица, каде што според Време комитската чета била разбиена, а комитските загуби биле 7-8 луѓе и 30 комитски јатаци од месното население.

По овие борби со променлив успех на двете страни и со обострани жртви, настанало извесно затишје. Тоа се должело на преговорите меѓу Кралството СХС и Бугарија што се воделе во Ниш во март 1923 година и според кои Бугарија се обврзала да вложи напори да ги спречи комитските напади од нејзината територија врз Кралството и да ја растури организациската мрежа на ВМРО на територијата на Пиринска Македонија.

Во овие новонастанати услови кога ВМРО во Бугарија се нашла во еден вид полуилегална состојба, таа своето внимание го насочила кон непријателски расположената влада на Стамболиски спрема ВМРО и привремено се откажала од комитските напади во Брегалничката област и воопшто Вардарска Македонија. Обидите на Александар Стамболиски и неговата земјоделска влада да се пресмета со ВМРО на Тодор Александров се движеле до тој степен, што покрај директните вербални и вооружени судири и меѓусебни закани. Стамболиски изјавил:

Сите комитаџии во Бугарија ќе ги натоварам и ќе ги пратам со коњски транспортни вагони во Скопје или Солун, кои каде сакаат. Таму во Македонија со месното население да водат борба, каква што сакаат, а не во Софија.

Ваквите состојби во Бугарија биле потврдени и од еден заробен комита во борба помеѓу војската на Кралството СХС и комитска чета кај Џами Тепе на планината Огражден, Беровско, во мај 1923 година. Заробениот комита на сослушувањето во Берово изјавил дека неговата чета преминала на територијата на Кралството, поради тоа што ја гонел еден баталјон бугарска пешадија.

Четата имала борба со трупите на Стамболиски, но морала да се повлече бидејќи била бројно послаба. Комитата на ВМРО, според Политика, изјавил дека пред неколку дена, близу до селото Добри Лаки, дошло до судир меѓу 3 комитски чети и еден бугарски пешадиски полк, при што комитите го десеткувале бугарскиот полк и биле убиени повеќе офицери. Четата на заробениот комита од страв од последици ја поминала границата. Според Политика, изјавата на комитата била потврдена од експлозиите и стрелбите од пушки што доаѓале од околните села во близина на границата, а од големите огнови се заклучувало дека бугарската војска ги палела селата – упоришта на комитите во Пиринскиот дел на Македонија.

Сепак, и покрај тоа што ВМРО привремено ја загубила сигурноста во Пиринска Македонија како главна организациска база, нејзините чети повремено пак преминувале во Вардарска Македонија на теренот на Брегалничката област и се судирале со српската војска и жандармерија. Владина финансиска патрола на Кралството СХС на 15 мај 1923 година во близина на Царево Село налетала на една комитска чета која, гонета од воените трупи на владата на А.Стамболиски, се префрлила на територијата на Вардарска Македонија. Комитите убиле еден наредник и еден Финансиски стражар. На помош на патролата дошол еден летечки одред и вооружени селани, коишто успеале да ги одбијат комитите преку граница. Истата ноќ, според Политика, во пограничниот реон со Бугарија имало престрелки меѓу српските погранични органи и комитски чети.

Во мај 1923 година режимот на Кралството СХС, охрабрен од сè послабиот интензитет на комитски напади во Брегалничката област, започнал преку весниците блиски до него, да истакнува податоци за успешната борба против комитските чети на ВМРО. Во Царевоселската околија, според Политика, во едно село на падините на околните планини, била откриена целокупната архива на комитскиот војвода Панчо Михајлов-Чавдар. Таа архива содржела важни податоци кои требало да го забрзаат откривањето на мрежата на ВМРО во тој крај. Политика известувала дека селаните започнале да го предаваат оружјето на властите, кое претходно го добивале од комитите.”

За време на прегледувањето на архивата на војводата Панчо Михајлов, биле најдени и неколку документи во кои се гледа дека меѓу македонствујушчите и некои хрватски офицери и војници, кои служат во овој крај, постои извесна врска во поглед на прикривањето комити и ширењето пропаганда за автономија на Македонија. “Ваквите односи меѓу Македонците и војниците и офицерите од хрватска националност на теренот на Вардарска Македонија биле продолжение на блиската соработка меѓу Тодор Александров, како водач на ВМРО, и Стјепан Радиќ, како лидер на ХРСС (Хрватска републиканска селанска странка), кој се залагал за децентрализација на Кралството СХС и во склопот на тоа за поголема автономија и на Македонија во рамките на Кралството.

По превратот во Бугарија што бил извршен на 9 јуни 1923 година кога на местото на владата на БЗНС (Бугарски земјоделски народен сојуз) на Александар Стамболиски дошле крупно граѓанските десничарски партии со претседател на владата Александар Цанков, положбата на ВМРО во Бугарија се изменила. Поради учеството на дел од четите на ВМРО во деветтојунскиот преврат, како и поради наклонетоста што одредени воени кругови во новата бугарска власт ја имале кон ВМРО на Александров дошло до повторно организациско зацврстување на оваа организација во Пиринска Македонија и воопшто во Бугарија.

Жандармите жив го фатиле комитата Владимир Барбарев

Во јуни 1923 година, на состанокот на луѓе од ЦК ВМРО со генерал Лазаров, кој бил претставник на бугарската влада, било решено да се запре привременото праќање чети во Источна Македонија и тие да се праќаат во Западна Македонија. Генералот Лазаров им ветил на луѓето од Комитетот кредит од буџетот на државата. Секако, ваквата констатација на властите во Белград имала повеќе и пропагандно значење и цел да ја престави ВМРО како организација која ја спроведува бугарската политика кон Македонија и македонското прашање.

И покрај ваквите сознанија до кои дошле разузнавачките служби на Кралството СХС, комитските вооружени акции во Брегалничката област продолжиле во јули. На 29 јули 1923 година, во ноќните часови, комитите го нападнале Берово. Тие фрлиле бомба во куќата на Јован Попов(иќ), а потоа ја испрскале со газија и ја запалиле. По кратката престрелка со жандармеријата, комитите побегнале, при што оставиле 3 бомби и неколку пушки. Жандармите жив го фатиле комитата Владимир Барбарев.

На 2 септември, војводата Шабан со 40 комити дошол во селото Мородвиште, Кочанска околија, и го опколил. Комитите ја нападнале и разоружиле селската стража. Од оџата во селото тие побарале 6.000 динари, но тој со бегство се спасил. По напуштањето на селото, комитите зеле со себе тројца луѓе, кои ги убиле. Потоа била пратена потера по комитите.

За ситуацијата предизвикана од судирите на комитските чети со жандармеријата и војската на Кралството во Брегалничката област, пишувале и весниците на бројната македонска емиграција во Бугарија. Според Пирин, орган на Илинденската организација, кој се на скопскиот весник Слобода, во Овчеполско, во почетокот на ноември 1923 година, успеала да влезе силна комитска чета, која дошла во судир со локалната жандармерија кај селото Неманци, при што загинале старешината на караулата и еден стражар. Според истиот емигрантски македонски весник, повикувајќи се на белградскиот весник Време од 30 октомври 1923 година, во Штип била спречена трагедија од поголеми размери. Пред работилниците на Ефрем Кимов, браќата Чучкови, браќата Бочвареви и Ване Трајков, комитите поставиле

цела редица тенекии со барут. Во моментот кога биле запалени фитилите, полицијата случајно наишла и ја спречила експлозијата. Комитите исчезнале, а трговците исплашени од нови комитски акции – ја повлекле стоката од безистенот. Сите овие дуќанџии од Штип биле членови на т.н. Здружение за борба против „бугарските” бандити. Дека оваа информација е делумно точна, или дури неточна, потврдува фактот што се спомнува семејството Чучкови како наводни припадници на Здружението, што нема никаква врска со вистината, затоа што оттаму потекнува штипскиот војвода Ефрем Чучков. Ваквите пропагандни информации не биле случајно пласирани во јавноста и имале за цел да создадат раздор кај македонскиот народ, а и да го компромитираат семејството Чучкови, кое со децении учествувало во македонското револуционерно движење, и посебно ВМРО. Тоа воедно било и израз на немоќ, затоа што Здружението за борба против бугарските” бандити, со исклучок на неколку режимски семејства, немало поддршка во овој дел на Македонија.

На 29 октомври истата година, во село Јастреб, Кочанско, влегол војводата Ефтим. Српската жандармерија незабележано го опколила селото, така што четниците изненадени од нападот почнале да бегаат. Во нападот смртно бил ранет војводата Ефтим, а биле заробени и убиени и неколку комити. Кај убиениот војвода биле пронајдени 6.000 лева голема архива од ВМРО. Набргу по овој настан, кон крајот на ноември, во близината на село Оризари, Кочанско бил застрелан српскиот мајор Радован Шаранковиќ од страна на војводата Шабан Облешевски, кој го чекал во заседа. Се сметало дека тоа убиство било извршено како одмазда за смртта и убиството на војводата Ефтим, бидејќи врз телото на мајорот била оставена белешка со текст: „Не убивајте ги нашите војводи, и ние нема да убиваме ваши чиновници.” На крајот од текстот, стоел потписот на војводата Шабан Облешевски. Војводата Шабан со својата чета бил активен во реонот помеѓу Штип и Кочани. На 27 ноември 1923 година, штипскиот војвода Иван Јанев-Брло и војводата Шабан со 50-60 комити влегле во селото Уларци, Штипско, при што дошло до судир со селската патрола и жандармите, во кој биле ранети двајца селани. Војводата Иван Јанев-Брло сакал да се одмазди, бидејќи селото Уларци било во служба на српскиот режим.

Комитски напади кон крајот на 1923 година имало и во Радовишко. Четата на војводата Самарџиев, повлекувајќи се пред потерните одделенија, се скрила во Смрдешката Шума во Радовишката околија. Дошло до борба меѓу четата и едно потерно одделение, при што загинале двајца потерџии, а од комитите имало ранети.

До вооружен судир дошло и помеѓу одделение од 7 жандарми и 50-тина комити кај село Соколарци, Кочанско, во кој загинале двајца жандарми и 4 комити. Комитската чета исто така запалила 6 куќи во селото Спанчево, Кочанско. За истиот настан Пирин, парафразирајќи го скопскиот весник Слобода од 3 декември 1923 година, истакнал дека дошло до борба на четата на војводата Иван Јанев-Брло со жандармерија кај селата Спанчево и Соколарци. По доаѓањето на жандармериско засилување, четниците се повлекле кон Султан Тепе. Комитите имале повеќе ранети и мртви, додека жандармеријата двајца убиени и еден ранет.

Крајот на 1923 година во меѓусебните вооружени пресметки на двете спротивставени страни, донел и еден убиен ученик средношколец. Според извештајот на началникот на Кочанската околија, на 27 ноември 1923 година загинал Методија Шеретов, ученик во V клас во Штипската гимназија, син на Коста Шеретов, земјоделец од село Зрновци. Кочанско. Методија бил избоден со ножеви од комитите, а бил убиен и неговиот татко. Нема дополнителни податоци зошто ВМРО посегнала по животите на овие двајца луѓе.

Кон крајот на 1923 година, според Пирин, излегла на површина голема афера во Кочанско. По убиството на војводата Ефтим, била запленета организациската архива и затоа се забележувал страв кај граѓаните во Кочани. Како резултат на тоа, уште истата вечер по убиството на војводата, властите ги уапсиле: Лазар Петрушев, Тодор Варадинов, Коце Пендов. Сандо Ефремов, Тодор Нишанџиски и Тодор Наков. Во куќите на уапсените биле најдени нови комитски шапки, бугарски календари со ликот на цар Борис и портрети на македонски револуционери. Врз основа на овие откритија, се утврдило дека војводата Ефтим бил одговорен за Кочанската и за дел од Кратовската околија и дека им заповедувал на селските организации да приготвуваат храна за комитските чети.

Во почетокот на 1924 година, присуството на комитски чети било забележливо во сите околии на Брегалничката област. Нивните вооружени напади врз села блиски до српскиот режим. врз поединци кои соработувале со српската власт, врз вооружени формации на Кралството, продолжувале со силен интензитет и во текот на зимските месеци. На 15 јануари 1924 година, четата на војводата Лазар Клонков извршила напад врз Кучичино, село во близина на планината Плачковица. Селаните ноќта забележале сенки од луѓе околу селото, при што била зголемена селската стража. По едночасовна битка меѓу комитите и вооружените селани ангажирани од српските власти, комитската чета се повлекла, бидејќи на помош на селаните од Кучичино им дошле селани од Карбинци.

По речиси двомесечен прекин, борбите на комитските чети на ВМРО со силите на режимот на Кралството продолжиле во март 1924 година. На 7 март, во борбата кај село Нежилово (Кратовско) и село Псача, загинале 6 комити, двајца биле ранети, а двајца биле живи фатени. Од страна на српскиот режим, имало еден загинат и еден ранет. Комитската чета во оваа битка броела 15-20 луѓе.

Во март 1924 година, разните служби на Кралството СХС и весниците јавувале за голема концентрација на комитски чети во близина на Берово, во реонот на границата со Бугарија. На 21 март, утрото, комитски чети во состав од околу 100 луѓе ја нападнале граничната караула кај местото Србица во Малешевската околија. Комитите се повлекле по еден час борба. Истото утро во 7 часот, комитските чети повторно се обиделе да влезат во Малешевската околија, но се судриле со граничната чета, при што се повлекле во Бугарија, оставајќи двајца убиени луѓе.

Убиството на водачот на ВМРО, Тодор Александров

Време исто така јавило дека на 23 март 1924 година комитска чета се обидела да го нападне Берово. Кога четата се приближила на стотина метри од градот, била забележана од стражарското одделение, кое отворило оган на комитите. По кратка престрелка, комитите отстапиле. Во текот на ноќта тие пак се обиделе да нападнат, при што главна точка им била касарната. Комитите отвориле оган врз касарната, а од северната страна пукале врз градот. Војската повторно успеала да го одбие комитскиот напад. За нападот на Берово слични податоци имало и Министерството за надворешни работи на Кралството СХС. Според него, на 23 март комитите со голема сила нападнале на Берово од три страни. Во градот имало мал екипаж војска и жандармерија, кои им дале силен отпор на комитите и по извесно време без жртви на двете страни, комитите се повлекле. Кон крајот на март 1924 година, кај месноста Петлец, во близина на село Русиново, Беровско, дошло до судир меѓу комитска чета од 15 луѓе со потера од режимот на Кралството, при што бил убиен еден жан дарм, а за загубите на комитите не се знаело. По битката, комитите се повлекле во правец на планината Огражден. Ваквата голема концентрација на комитски чети во пролетта на 1924 година, во согласност со српските безбедносни служби, имала за цел да биде вовед во востанието што ВМРО требало да го организира во Македонија под српска власт. Архивата на ВМРО не го потврдува овој податок, но голема е можноста целата операција да се држела во најголема тајност. Во секој случај, најавеното можно пролетно востание на ВМРО во Македонија под српска власт, не се случило.

Еден од последните обиди на ВМРО за офанзивно дејствување со комитски чети во Брегалничката област, додека на нејзино чело се наоѓал Тодор Александров, бил во летото на 1924 година. За таа цел во околината на Кустендил се наоѓал војводата Иван Јанев-Брло со 150 четници, кои се подготвувале за премин во Вардарска Македонија. Комитите во групи требало да преминат во Брегалничката област. Две групи во бројност од 50 луѓе преминале во Кратовската и Овчеполската околија. Едната група била спречена од војската на Кралството СХС и се вратила во Бугарија. Комитска чета требало да оди на планината Плачковица, и тоа во бројност од 50 луѓе, а една чета од 30 луѓе во село Саково. Сите овие чети имале задача да ги убиваат режимските луѓе и да ги уништуваат српските крстосувачки одделенија составени од војска, жандармерија и контрачети.

Во јули 1924 година, голема група од комитски чети навлегла во Вардарска Македонија. Тие биле предводени од војводи те Панчо Михајлов, Пане Жигански, Мите Церски и Шабан Облешевски, а во Македонија се префрлиле преку планината Саса. Комитите се задржале во месноста Касирски колиби, а оттаму отишле во селото Пониква, Кочанско. Според Време, војводата Михајлов се обидувал да воспостави комитска организација, што селаните одбивале да направат. По трага на комитските чети тргнале контрачетниците Мите Соколарски, Мино Станков(иќ) и еден жандармериски поручник со 80 контрачетници и 120 вооружени селани. Во близина на селото Пониква дошло до судир, при што комитите го пробиле обрачот и тргнале во правец на бугарската граница. Во борбата загинал војводата Мите Церски. По битка та кај селото Пониква, комитските чети се поделиле на две групи: едната со Пане Жигански отишла во правец на месноста Црна Скала, а другата со Панчо Михајлов кон Калиманско Поле. Овде

на 22 јули 1924 година дошло до вооружен судир на четата на Михајлов со српската жандармерија. Во борбата, комитската чета, служејќи се со бомби, ги одбивала нападите на жандармите. Во 7 часот утрината, комитите го пробиле обрачот, носејќи го тешко ранетиот војвода Панче Михајлов. Од српска страна биле најдени 4 мртви комити и еден жив, а биле пронајдени пушката, двогледот и пелерината на војводата, како и голема архива од BMPO.

Со овие офанзивни вооружени напади во летото на 1924 година, бил ставен крај на поголемите комитски акции на ВМРО во Брегалничката област, во Вардарска Македонија и воопшто во сите делови на Македонија. Главна причина за прекинувањето на комитските напади било убиството на водачот на ВМРО, Тодор Александров, кое се случило на 31 август 1924 година. По неговата смрт, како најсериозен кандидат за лидерското место во ВМРО се наметнал младиот и амбициозен Иван Михајлов, којшто наметнал нови форми и методи на борба, различни од неговиот претходник.

Комитските акции на ВМРО во Брегалничкиот округ (област) во периодот од 1918 до 1924 година претставувале важен на стан во македонското револуционерно националноослободително движење. Иако меѓународната ситуација не одговарала на ваквите методи на борба, присуството на комитските чети во Брегалничкиот округ (област) и нивната прифатеност од поголемиот дел од македонскиот народ, го покажувале незадоволството од нововоспоставениот режим на државата Кралство СХС.

И покрај извесното влијание на политички кругови од Бугарија врз водечките структури на ВМРО, обичните членови и припадниците на комитските чети биле луѓе коишто се носеле со идеалот за обединета и независна македонска држава. Издигнатата парола за автономна Македонија им дала поттик на многумина Македонци да се вклучат во комитските чети и да се борат против големосрпскиот режим во Вардарска Македонија. Присуството на чети на теренот на Брегалничкиот округ (област) видно го вознемирило режимот во Белград, којшто интензивно праќал полициски и воени формации за борба против комитите во Вардарска Македонија. Вооружените судири меѓу силите на режимот на Кралството и комитските чети го претвориле Брегалничкиот округ во вистинско воено жариште, кое постојано се за канувало да се прошири и да предизвика воен судир меѓу Кралството СХС и Бугарија, бидејќи властите во Белград постојано ја обвинувале официјална Софија дека ги помага четите на ВМРО.

Ваквата состојба меѓу војна и мир траела до убиството на Александров, кога бил напуштен четничкиот метод на борба на ВМРО и кога од страна на новиот водач на ВМРО, Иван Михајлов, започнале да се применуваат терористички методи на борба, што од своја страна создавале нова ситуација во Брегалничката област и во цела Вардарска Македонија.

2.Интервју на Тодор Александров за лондонски The Tímes 4.Јануари 1924 година

Закон на Разбојник

MN.MK
Закон на Разбојник

Интервју на Лондонскиот „The Times“ со Тодор Александров 4 Јануари 1924