– Денеска е Светски ден на лицата со посебни потреби
1368.- Роден е францускиот крал Шарл VI, кој до својата смрт во 1422 година на престолот беше 42 години. Во почетокот од владеењето беше познат како „Шарл Саканиот“, но бидејќи од 1392 година имаше неколку напади на психичко растројство го доби прекарот „Шарл Лудиот“. Ја предизвика граѓанската војна меѓу француските земји Армањак и Бургундија, а во текот на неговото владеење Англичаните во Стогодишната војна, предводени од кралот Хенри V, во 1415 година им нанесоа тежок пораз на француските трупи во битката кај Аенкур.
1800.- Во Врба, кај Блед, е роден Франце Прешерн, еден од најголемите словенечки поети. Најзначајно негово дело е „Сонатен венец“. Умре во Крањ, на 8 август 1849 година.
1808.- Мадрид се предаде на воените сили на францускиот цар Наполеон I.
1810.- Велика Британија ги презеде од Франција островите Реунион и Маурицијус. Реунион подоцна и е вратен така што и денеска е со статус на француска прекуморска територија.
1857.- Роден е Џозеф Конрад, англиски писател, по потекло Полјак. Најчеста тема на неговите романи и раскази е борбата на човекот со морето. Негови најзначајни дела се романите „Прогонетиот од островот“, „Ностромо“, „Лорд Џим“ и други дела. Умре на 3 август 1924 година.
1883.- Роден е австрискиот композитор Антон Фридрих Ернст фон Веберн, еден од најистакнатите експресионисти. Изведувањето на неговата музика беше забрането од нацистите. Создаде специфичен музички јазик со префинети нијанси. Дела: камерна за гудачки квартет „Пет ставови“, „Шест багатели“, оркестарска „Шест парчиња“, „Пет парчиња“, „Симфонија за камерен оркестар“, „Варијации, соло песни“.
1894.- Роден е индискиот државник Реџендро Прасад, прв претседател на независна Индија од 1950 до 1963 година.
1894.- Умре шкотскиот писател Роберт Луис Балфур Стивенсон, извонреден стилист. Се обиде во своите дела да го обнови духот на романтиката. Дела: романите „Остров со богатство“, „Чудните случаи на докторот Џекил и господинот Хајд“, приказните „Нови приказни од 1001 ноќ“, патописот „Патување со магаре“, есејот „Virginibus puerisque“.
1917.- Претседателот на САД Вудро Вилсон побара од Конгресот во Првата светска војна да и објават војна на Австро-Унгарија.
1918.- Заменик началникот на италијанската Врховна команда генералот Пјетро Бадољо и поднесе на владата меморандум за разбивање на штотуку прогласеното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Меморандумот беше прифатен и со години беше основа за политиката на Рим кон Југославија, со цел заземање на Далмација и на други територии.
1919.- Умре францускиот сликар Пјер Огист Реноар, еден од најистакнатите импресионисти и еден од најголемите европски сликари во 19. век. Во староста работеше и како скулптур.
1923.- Во Њујорк е родена Марија Калас, американска оперска пејачка, сопран, од грчко потекло. Големиот гласовен распон и вонредната сугестивна глума придонесе за нејзината светска слава и да се вброи во најголемите светски пејачки. Умре во Париз, на 16 септември 1977 година.
1930.- Роден е францускиот режисер Жак Лик Годар, водечка личност во „новиот бран“ француски филмови. Филмови: „До последниот дух“, „Жената е жена“, „Лудиот Пјер“, „Бројот два“, „Да се живее својот живот“, „Карабињери“, „Мажена жена“, „Машко и женско“, „Викенд“, „Еден плус еден“, „Источен ветер“,„Спасувај се кој може“, „Име: Кармен“.
1931.- Усвоен е Вестминистерскиот статут, според кој доминионите на Велика Британија се стекнаа со потполна законодавна независност.
1942. – Во Тетово излезе првиот број на весникот на Окружниот комитет на КПЈ за територијата на Македонија под италијанска окупација “Востаник”. Излегуваше до февруари 1943 година.
Востаник бил македонски неделен илегален весник, орган на Окружниот комитет на КПЈ за територијата на Македонија под италијанска окупација, на македонски јазик. Бил печатен на партиската техника на Окружниот комитет на КПЈ и растуран во Западна Македонија под италијанска окупација. Се печател во Тетово, од декември 1942 до февруари 1943. Содржините се во функција на мобилизација на членството и населението во НОБ. Прв ја објавил веста за Првото заседание на АВНОЈ (бр. 2 од 24 декември 1942). Излегувал со прекини. Сочувани се само првите три броја. Првиот број излегол на 3 декември 1942 година.
1949. – Умре Елин Пелин (вистинското име му е Димитар Иванов Стојанов), прв оригинален бугарски писател за деца, еден од најдобрите сликари на бугарското село. Најпознати дела му се “Раскази”, “Пижо и Пендо”, “Земја”, “Јас и Ти, Тој”, “Дедовата ракавица”, ” Сказни и раскази”, “Јан Бибијан на Месечината” и други. Роден е во 1877 година.
1962.- Едот Спарлок Сампсон стапи на должноста судија во општинскиот суд во Чикаго, станувајќи прва Афроамериканка на местото судија во САД.
1967. – Лекарите во Кејптаун, во Јужноафриканската Република, објавија дека во болницата “Гроте Шур”, за првпат во историјата , е извршена успешна трансплатација на човечко срце. Екипата на чело со д-р Кристијан Барнар изврши операција врз заболениот Луис Вашкански, меѓутоа тој умре по десетина дена.
1971.- Почна Индиско-пакистанската војна поради Кашмир, која заврши на 17 декември со победа на Индија и одвојување на Бангладеш, кој дотогаш беше во источен Пакистан, во посебна држава.
1975.- Во Лаос власта ја презедоа комунистите со што престана да постои 600-годишната стара монархија.
1980. – Во Скопје умре Драги Костовски, познат македонски артист кој на најшироката јавност и е познат по исклучителните остварувања, по многубројните улоги на театарската сцена, на филмот, на телевизијата и во радиодрамската уметност. Роден е во Битола на 22 април 1930 година.
1984.- Во градот Бопал во Индија умреа околу 4.500 луѓе, 500 ослепеа, а 50.000 луѓе беа затруени со гас кој истече од „Јунион карбајд“, фабрика за производство на средства за заштита на растенијата.
1989.- Во Источна Германија оставки поднесоа лидерот на единствената Работничка партија на Германија (комунисти) Егон Кренц и сите членови на партиското Политбиро и Централниот комитет на владејачката партија.
1991.- Русија ја призна независноста на Украина, а рускиот претседател Борис Елцин се заложи за што побрзо нормализирње на меѓудржавните односи на Русија и Украина.
1991.- Во Струмица умре Стојан Гогов, доајен на народниот театар “Антон Панов” од Струмица. Роден е во 1924 година.
1994.- Во Виена умре Франтишек Вацлав Мареш, чешки професор по славистика на Виенскиот универзитет, научник од светски ранг кој има извонредни заслуги за афирмацијата на македонистиката во светот. Тој беше и член надвор од работниот состав на МАНУ. Роден е во Бенешов, кај Прага, на 12 декември 1922 година.
1995.- Поранешниот претседател на Јужна Кореја Чун До Хван е уапсен поради одговорност за масакарот во градот Квангџу во мај 1979 година кога војската уби повеќе од 200 демонстранти.
1997.- Германското Министерство за одбрана поведе дисциплинска постапка против шестмина војници, кои просториите во нивните касарни ги краселе со слики на Адолф Хитлер и со нацистички знамиња.
1999.- Хрватскиот суд одлучи дека тешко болниот Фраљо Туѓман не е во состојба да ја обавува функцијата шеф на држава.
2006.- Умре Елиот Велис, еден од најпознатите ловци на нацистите. Велис, кој ги преживеа стравот и ужасот во концентрационите логори во Полска, стана познат кон крајот на седумдесетите години на 20. век. Беше упорен околу расветлувањето на случаите на летонскиот нацист Болесав Мијаковскис.
2007.- По конференцијата во Анаполис, на која беше одлучено да се постигне мировен договор до крајот на 2008 година, Израел ослободи 429 палестински затвореници од израелските затвори.