21 ноември
– Светски ден на телевизијата.
1658. – Во Лондон е роден Хенри Персел, најзначаен англиски композитор од времето на ренесансата. Компонираше опери, химни, оди, црковна музика, сонати и друго. Негови главни дела се оперите “Дидона и Енеј”, “Вилинска кралица” и “Кралот Артур”. Умре во 1695 година.
1694. – Во Париз е роден Франсоа Волтер, француски писател, историчар и филозоф. Тој беше претставителен и во вистинска смисла на зборот, еден од најслободоумните луѓе на тогашна Европа, голем противник на мрачниот период на црквата и клерикализмот, иако не беше атеист. Негово најпознато дело е фолозофско-дидактичкиот роман “Кандит”. Напиша и неколку епопеи, историски дела, трагедии и комедии. Умре во Париз на 30 мај 1778 година.
1783.- Французите Франсоа Пилатр де Розије и Франсоа Лоран први изведоа успешен лет со балон наполнет со топол воздух, прелетувајќи над Париз осум километри за 25 минути.
1806.- Францускиот цар Наполен I го објави Берлинскиот декрет за блокада на Велика Британија, како и забрана за прикотвување на британските бродови во сите европски пристаништа, со намера економски да ја ослаби.
1818. – Роден е Луис Хенри Морган, американски етнолог и социолог. Неговите студии за животот на американските Индијанци му послужија на Енгелс како основа за книгата “Потеклото на фамилијата, приватната сопственост и државата”. Умре на 17 декември 1881 година.
1844.- Умре рускиот писател Иван Андрејевич Крилов. Покрај басни, пишуваше и сатирични „писма“ и комедии. Пишуваше на изворно народен јазик, а многу од неговите изреки станаа народни поговорки. Значитело влијаеше врз европската литература. Дела: збирки басни, комедии „Модна трговија“, „Книжевник во предсобјето“, комичната опера „Хистерично семејство“, „Кафеана“.
1855.- Шведска со Велика Британија, Франција и Турција склучи сојуз против Русија во Кримската војна.
1874.- Во Рим умре Мариано Фортуни, шпански сликар. Роден е во Реус, на 11 јуни 1838 година.
1875.- Во селото Русиново, Беровско, е роден Никола Петров Русински, истакната личност од националната историја на македонскиот народ, социјалист и револуционер, близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други видни македонски револуционери. Умре во родното село Русиново, на 14 февруари 1943 година.
1877.- Томас Едисон (американски физичар и пронаоѓач) го соопшти пронаоѓањето на фонографот – претходник на грамофонот.
1900.- Во Софија, во салонот „Славјанска беседа“ е одржана праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од основположникот на македонскиот театар и драматургија, македонскиот писател Војдан Чернодрински.
1916.- Умре австрискиот цар Франц Јозеф кој владееше од 1848 до 1916 година. Со помош на Русија ја задуши револуцијата во Унгарија во 1849 година. Воспостави централистички систем со ограничени традиционални покраински слободи. Со прогласувањето на Австро-унгарија со спогодбата во 1867 година отстапи од строгиот централизам. По Берлинскиот конгрес во 1878 година ја окупира Босна и Херцеговина, која беше анектирана во 1908 година. Го искористи атентатот врз престолонаследникот Франсоа Фердинанд во 1914 година во Сараево како повод да изврши напад врз Србија, што заврши со пропаст на неговата држава во 1918 година.
1933.- По одлуката на претседателот на САД Френклин Рузвелт да се воспостават дипломатски односи со Советскиот Сојуз, првиот американски амбасадор во Москва Кристијан Булит стапи на должноста.
1944.- Претседателството на АВНОЈ во Втората светска војна целиот имот на непријателот го прогласи за државен имот.
1974.- Во експлозијата која во два бара во англискиот град Бирминген ja подметна Ирската републиканска армија загинаа 21 лице.
1977.- Во југоисточна Индија циклон усмрти околу 3.000 луѓе, а огромните морски бранови – цунами уништија до темел неколку села.
1986.- Во Скопје умре Георги Божиков, истакнат македонски оперски уметник, првенец на Операта при Македонскиот народен театар. Роден е во Петрич, во 1931 година.
1992.- Во Скопје е одржан Првиот конгрес на Лигата за демократија.
1994.- Во Солунското пристаниште се блокирани 19.500 тони американска пченка за Македонија.
1995.- Во американскиот град Дејтон е парафирана спогодбата за крај на граѓанската војна во Босна и Херцеговина.
1996.- Формиран е Сојузот на металурзите на Република Македонија.
1999.- Во Тетово е одржано Основачко собрание на политичката партија Единство на Ромите во Македонија. За претседател на партијата е избран Меваил Алити. Регистрирана е на 22 февруари 2000 година, со седиште во Скопје.
2002.- Поранешните членки на Варшавскиот пакт – Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка, како и Словенија добија покана за полноправно членство на Алијансата на Самитот на НАТО во Прага во првата половина на 2004 година.
2006.- Британија забрани рекламирање на нездравите прехранбени производи наменети за децата, со што од телевизиските програми беа отстранети рекламите на солените, пресолените и мрсните јадења. Преземените мерки се однесуваат за сите програми во текот на 24 часа, како и на сите телевизиски канали.
2006.- Во рудникот за јаглен Халембо, на југот од Полска, во местото Руда Шљонска, еден од најстарите рудници за јаглен во Полска, загинаа 23 рудари. Експлозијата на метан се случи на нешто повеќе од илјада метри длабочина. Од 2003 година повеќе од 80 рудари загинаа во рудниците во Полска.
2007.- Пакистанската војска ликвидира 65 проталибански бунтовници. До суридот дојде во планинскиот регион Сват во северозападен Пакистан, со цел војската да ја поврати полициската станица која беше заземена од исламски терористи. Пакистанската војска претходно спроведе конструктивна операција за да ги отстрани побунетите следбеници на проталибанскиот верски водач Маулан Фазлулах.