1258.- Тамерлан го зазеде Багдад. Монголците тогаш го разораа древниот град при што убија околу 10.000 жители.
1502.- Португалскиот морепловец, Васко де Гама тргна од лисабонското пристаниште на второто патување за Индија. Пет години порано Васко де Гама го откри овој пат, пловејќи околу ‘ртот Добра Надеж.
1515.- Во Софија, Ѓорѓи Кратовски, христијански светец, поради одбивање да го прими исламот, жив е изгорен од страна на турската власт. По неговата смрт беше прогласен за светец од страна на Синодот на Охридската архиепископија, како и од Руската, од Бугарската и од Српската православна црква. Роден е во Кратово, во 1497 година.
1736.- Седумгодишната војна заврши со склучување мир во Париз. Според одредбите Франција скоро цела се повелече од Индија, а Велика Британија ги отстапи Канада и териториите источно од Мисисипи и Флорида. Шпанија ја доби Луизијана и Куба, а Прусија ја задржа Шлезија, која ја одзеде од Австрија.
1755.- Во Париз, умре Шарл Монтескје, еден од најголемите француски филозофско-политички писатели. Со Волтер, Русо и Дидро, е претходник на француската револуција. Во неговото главно дело “Духот на законот” ја изнесува теоријата за поделба на власта, на законодавна, извршна и судска, која и денес е темел на западната парламентарна демократија. Роден е во Бордо, на 18 јануари 1689 година.
1837.- Во Петроград, од раните здобиени во двобојот со францускиот авантурист Дантес, умре Александар Сергеевич Пушкин, еден од најголемите руски и светски писатели. Лириката му се одликува со совршеност и со крајна едноставност на изразот. Наоѓајќи се на почетокот на рускиот реализам го напиша романот “Евгениј Онегин”, дело за кое Белински рече дека претставува “енциклопедија на рускиот живот”. Други негови познати дела се историската драма “Борис Годунов” и прозните дела “Пиковата драма”, “Капетановата ќерка” и други. Роден е во Москва, на 6 јуни 1799 година.
1878.- Со потпишување на конвенцијата во Ел Зањон заврши востанието против шпанските колонијални власти на Куба. Востанието траеше дури 10 години.
1879.- Отворено е заседанието на првото бугарско собрание по ослободувањето на земјата, во Велико Трново, стара средновековна престолнина на Бугарија.
1890.- Во Москва е роден Борис Леонидович Пастернак, руски писател. Познати негови дела се „Збирка стихови без бариери“, „Теми и варијации“, романот „Д-р Живаго“ и други. Во 1958 година ја доби Нобеловата награда за литература. Умре во Переделкино, на 30 мај 1960 година.
1894.- Роден е англискиот државник и публицист Морис Харолд Макмилан, премиер на Велика Британија од 1957 до 1963 година. Претходно во кабинетите на конзервативците беше државен потсекретар, министер за авијација, за станбени прашања, одбрана, финансии и за надворешни работи. Дела: политички акти „Среден пат“, „Економски аспекти на одбраната“, мемоари за Втората светска војна „Ветрови на промени“, „Избувнување на војна“, „Плима на среќата“.
1898.- Роден е германскиот писател Бертолд Брехт. Негови најпознати дела се “Бал”, “Мајката Коураж и нејзините деца”, “Просјачки роман” и “Добриот човек од Шеуан”.
1903.- Во селото Крушево, Демирхисарско, егејскиот дел на Македонија, излезе првиот број на хектографскиот весник „Слобода или смрт“. Го подготвуваше Пеју Јаворов. Весникот беше со цел да ги одреди задачите и павецот на претстојното востание во Македонија. На 12 април истата година излезе последниот, дванаесетти број.
1908.- Во Скопје е роден Ѓорѓи Попов, македонски скијачки учител и судија и фотограф. Водеше многу курсеви за оспособување на стручни кадри во Македонија, а како фотограф овековечи многу моменти од развојот на скијаштвото во Македонија, посебно на Попова Шапка и во Маврово. Умре на 31 август 1979 година.
1912.- Умре англискиот хирург Џозеф Листер, основач на антисептичката медицина, кој во 1867 година прв ја воведе во хирургијата.
1918.- Умре италијанскиот новинар и пацифист Ернесто Теодоро Монета, добитник на Нобеловата награда за мир во 1907 година. Беше директор на миланскиот весник „Il Secolo“ и претседател на Меѓународниот конгрес за мир во Милано во 1906 година.
1923.- Во Минхен умре Белхелм Конрад Рендген, германски физичар. Ги откри “икс” зраците, подоцна наречени “рендгенски” и за тоа откритие ја доби Нобеловата награда за физика. Роден е во Ленеп, на 27 март 1845 година.
1942.- Глен Милер, прочуен американски џез музичар стана првиот сопственик на „златната плоча“ со продадени милион примероци од песната „Chattanooga“.
1947.- Во Париз е потпишан мировниот договор меѓу земјите-победнички во Втората светска војна со Италија, Унгарија, Романија, Бугарија и Финска. На Југославија и беше доделен градот Задар, полуостровот Истра и островите Црес, Лошињ и Ластово, на Италија и беше даден помал дел во зоната на Горица, а Трст и територијата околу него добија специјален статус.
1848.- Умре рускиот филмски режисер Сергеј Михајлович Ејзенштејн, еден од најголемите теоретичари и стилисти во светот на филмот. Тој ги даде основите на филмската уметност и според мислењето на многу историчари и филмски критичари најголем режисер во историјата на филмот. Дела: „Штрајк“, „Октомври“, „Старо и ново“, „Сентиментална романса“, „Да живее Мексико“, „Александар Невски“, „Иван Грозни“, книгите „Филмско чувство“, „Филмски облик“.
1964.- Во судар на два австралиски воени брода во заливот Џервис потона разорувачот „Војаџер“ при што загинаа повеќе од 80 морнари.
1977.- Умре Сергеј Илјушин, водечки советски конструктор на авиони. Во текот на три децении конструира повеќе од 50 видови авиони. Роден е во 1894 година.
1978.- Во Скопје умре Паскал Митревски, учесник во НОВ против фашизмот и во Граѓанската војна во Грција. Роден е во селото Чука, Костурско, на 15 февруари 1912 година.
1979.- Умре Едвард Кардељ, долгогодишен функционер од времето на Јосип Броз и еден од неговите најблиски соработници, теоретичар. Беше многу плоден автор и важеше за еден од најголемите интелектуалци внатре во КПЈ/СКЈ.
1996.- Компјутерот наречен „Длабоко сино“, влезе во шаховската историја со победата врз светскиот првак Гари Каспаров.
1998.- Умре Морис Шуман, творец на проектот за унија на европските држави, познат како „Шуманов план“, кој своевремено беше шеф на француската дипломатија.
2004.- САД повторно отворија дипломатско претставништво во Триполи, Либија, по повеќегодишна пауза.
2004.- Од експлозија на автомобил-бомба во Искандарија јужно од Багдат загинаа најмалку 55 луѓе.
2004.- Француското собрание забрани во државните училишта да се истакнува верската припадност, вклучувајќи го и носењето облека која го означува религиското верување.
2005.- Северна Кореја официјално призна дека произвела нуклеарно оружје за самоодбрана и дека на неодредено време се повлекува од Договорот за нуклеарно неширење.
2005.- Во Њујорк умре Артур Милер, еден од најголемите американски и светски драмски писатели. Познати негови дела се „Вештерките од Салем“, „Поглед од мостот“, „Последниот Јенки“, „Смртта на трговскиот патник“ и други дела. Роден е во Њујорк, во 1915 година.
2005.- Во Саудиска Арабија одржани се локални избори, први во историјата на оваа исламска апсолутна монархија, а право на глас имаа само мажите постари од 20 години.
2006.- Умре францускиот фармацевт и хемичар Пјер Потије, раководител на истражувањата кои резултираа со производство на еден од најкористените антиканцерогени лекови на светот „таксотера“.