18 април

–Денеска е Меѓународен ден на спомениците на културата и локалитетите

1797.- Роден е францускиот државник и историчар Луј Адолф Тјер, основач и прв претседател на Третата република од 1871 до 1873 година. Како шеф на версајската влада во 1871 година во крв ја задуши Париската комуна. Дела: „Историја на Француската револуција“, „Историја на конзулствата и царствата“.

1820.- Роден е австрискиот композитор и диригент Франц фон Супе, автор на повеќе популарни оперети. Дела: оперетите „Лесна коњаница“, „Бокачо“, „Убавата Галатеја“.

1882.- Во Лондон е роден Леополд Стоковски, американски диригент од полско потекло, пропагатор на современата музика, еден од најголемите диригенти во светот во 20 век. Умре во Хемшаир, Англија, на 14 септември 1977 година.

1906.- Силен земјотрес го погоди Сан Франциско, во САД, град кој тогаш имаше 400.000 жители. Беа срамнети со земјата голем број квартови, а загинаа над 700 луѓе. По првиот потрес следеше друг со иста сила, а стихијата го уништи тоа што преостана. За три години е изграден нов и поголем град на пацифичкиот брег.

1909.- Во Скопје е роден Аспарух Хаџиниколов, македонски музички педагог и композитор. Тој и припаѓа на постарата генерација македонски композитори кои целокупната композиторска дејност ја насочуваа кон негување и музичка обработка на македонски народни песни. Умре во Скопје, на 11 август 1980 година.

1936.- Умре италијанскиот композитор Оторино Респиџи, ученик на Николај Римски-Корсаков, кој создаде дела во раскошни оркестарски бои, главно во импресионистички манир. Дела: „Грегоријански концерт“ за виолина и оркестар, симфониските поеми „Римски фонтани“, „Римски празници“, опери.

1941.- Со одборение на Хитлеровата врховна команда, единиците на Петтата бугарска армија, со Шестата и со Седмата пешадиска дивизија, ја започнаа воената окупација на Македонија.

1942.- Американската авијација првпат го бомбардира Токио.

1951.- Во Париз, Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија потпишаа Договор за создавање Европска заедница за јаглен и челик.

1954.- Гамал Абдел Насер стана премиер и воен гувернер на Египет.

1955.- Во Принстон умре Алберт Ајнштајн, американски физичар, Евреин од германско потекло, најистакнат теоретичар на новата епоха во физиката. По доаѓањето на Хитлер на власт, Ајнштајн се откажа од германското државјанство и емигрира во САД. Покрај општата теорија на релативитетот, го објасни и законот за фотоелектричниот ефект, со помош на квантната теорија и за тоа во 1921 година ја доби Нобеловата награда за физика. Роден е во Улм, на 14 март 1879 година.

1955.- Во индонезискиот град Бандунг започна афроазиската конференција на 29 земји, на која се потврдени принципите на деколонизација и создавање на “третиот свет”.

1980.- Јужна Родезија под името Зимбабве стана 50-та независна држава во Африка.

1984.- Во Скопје умре Софре Штерјоски, новинар на Радио Скопје, еден од најпознатите македонски хумористи и сатиричари, автор на повеќе книги за деца. Роден е во селото Лавчани, Кичевско, на 20 април 1949 година.

1991.- Собранието на Република Македонија донесе одлука за промена на името на Радио-Телевизија Скопје во Македонска радио телевизија.

1994.- Странските хуманитарни организации соопштија дека етничките масакри на припадниците на племињата Хуту и Тутси, за време на кои се убиени околу милион лица, ја зафатиле целата територија на Руанда.

1996.- Република Македонија и Република Руанда воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади.

2002.- Умре норвешкиот истражувач и антрополог Тој Хејердал кој во 1947 година за 101 ден го преплови Тихиот Океан со сплавот „Кон-Тики“, изграден според нацрт од времето на Инките. Со тоа докажа дека перунаските Индијанци се можни населувачи на островите во Полинезија. Книгата за патувањето долго 8.000 километри е преведена на 67 јазици. Во 1970 година успеа да го преплови Атлантскиот Океан на сплав од папирус, сакајќи да докаже дека древните медитерански цивилизации биле во состојба да допрат до американскиот континент.

2002.-  Поранешниот крал Мухамед Захир Шах се врати во авганистанската престолнина Кабул по 29 години бегство.

2004.- Новиот шпански претседател на влада, социјалистот Хосе Луис Родригез Сапатеро издаде наредба за повлекување на околу 1.400 шпански војници од Ирак.

2007.- Најмалку 32 работници загинаа во една челичарница на североисток од Кина, кога пукна голем сад во кој се наоѓаа 300 тони течен метал. Несреќата се случи во градот Тиелинг во провинцијата Лиаонинг.

2011.- Италијанскиот магнат Пјетро Фереро, првиот човек на компанијата која ги поседува Нутела, Ти-Так, Киндер и Фереро Рошер, загина во Јужна Африка. Компанијата има 18 фабрики во кои работат 21.000 луѓе.