14 декември 2018
1503.- Роден е францускиот астролог Мишел де Нотр-Дам, познат како Нострадамус, личен лекар на францускиот крал Шарл IX, познат по своите предвидувања за иднината. Ја напишал книгата „Пророштва“ во која, најчесто на заобиколен и нејасен начин, ги предвидува случувањата во иднината.
1546.- Роден е данскиот астроном Тихо Брахе, кој ја подигнал прочуената опсерваторија „Уранијенбург“ на островот Хвен од каде речиси две децении ги набљудувал планетите, посебно Марс. Ја открил новата ѕвезда во соѕвездието Касиопија.
1788.- Умрел германскиот композитор, чембалист и диригент Калр Филип Емануел Бах. Бил приврзаник на „чувствителниот стил“. Дела: дваесеттина симфонии, околу 60 концерти за клавир, камерна музика, сонати за клавир, кантати.
1900.- Германскиот физичар Макс Планк ја објавил „квантната теорија“, според која радијациската енергија потекнува од невидливи делови, кванта, и не е континуирана, како што порано се мислело.
1911.- Експедицијата на норвешкиот поларен истражувач Роналд Амудсен стапила на Јужниот пол, дотогаш неосвоена точка на нашата планета. Еден месец подоцна тоа го направил и англискиот истражувач Роберт Скот.
1913.- Грчкиот остров Крит по Балканските војни и официјално станал дел на Грција.
1918.- Во Лисабон бил убиен претседателот на Португалија Сидонио Паеш.
1918.- На изборите во Велика Британија жените за првпат гласале и им било овозможено да се кандидираат за парламентот.
1939.- Друштвото на народите го исклучило Советскиот Сојуз поради напад врз Финска.
1955.- Австралија, Албанија, Бугарија, Јордан, Камбоџа, Либија, Унгарија и Цејлон биле примени за членки на Обединетите нации.
1959.- Архиепископот Макариос Трети станал првиот претседател на Кипар.
1960.- Генералното собрание на Обединетите нации ја усвоило Декларацијата за давање независност на земјите под колонијална управа и тој датум се одбележува како Ден на деколонизацијата. Во Декларацијата стои дека Обединетите нации „се уверени дека постоењето на колонијализмот го спречува развојот на меѓународните економски соработки и ги оневозможува социјалниот, културниот и економскиот развој на зависните народи“ и дека колонијализмот „е спротивен на идеалите за светски мир“.
1960.- Организацијата за економска соработка и развој била основана со потпишувањето на Париската конвенција, која стапила на сила во септември 1961 година.
1962.- Првата влада во која доминирале Африканци во британската колонија Северна Родезија (сегашна Замбија) ја формирал водачот на борбата за независност на земјата, Кенет Каунда.
1964.- Во Скопје, од едно импровизирано студио во Нерези и со една репортажна кола (по земјотресот на 26 јули 1963 година кога на Скопје му биле подарени стари репортажни коли од Велика Британија и од Италија), бил емитуван првиот македонски ТВ Весник на РТВ Скопје. Со тоа почнала редовната програма на ТВ Скопје.
1974.- Умрел Волтер Липман, американски новинар. Тој оставил длабоки траги во модерната политичка историја на Америка. Липман не ја создавал политиката на САД, ниту бил одговорен за неа, но со своите толкувања, поддршки и негирања, значително влијаел врз насоката во која одела Америка. Роден бил на 23 септември 1889 година.
1981.- Израел ја анектирал Голанската висорамнина која ја презел од Сирија во војната во 1967 година.
1983.- Во Скопје умрел Иван Антонов, доајен на македонското радио и телевизиско спикерство. За сите генерации слушатели на Радио Скопје или гледачите на Телевизија Скопје, Антонов бил и ќе остане еден од ненадминатите спикери. Неговата спикерска дејност започнала од 1947 година. За својата работа и за извонредното залагање бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец. Роден бил во селото Хума, Гевгелиско, на 1 мај 1924 година.
1984.- Вашингтон и Хавана го потпишале првиот договор по 1977 година, со кој било прецизирано 20.000 Кубанци да можат годишно да добиваат дозвола за населување во САД.
1989.- Умрел рускиот нуклеарен физичар Андреј Димитриевич Сахаров, долгогодишен борец за политичка слобода и човекови права, како и противник на режимот на Леонид Брежњев. Добитник бил на Нобеловата награда за мир во 1975 година. Творец бил на советската хидрогенска бомба, но подоцна станал силен противник на нуклеарното вооружување.
1989.- Опозицискиот лидер Патрисио Ајлвин бил избран за претседател на Чиле на првите слободни избори во земјата од 1970 година. Претходниот демократски избран шеф на државата, социјалистот Салвадор Аљенде бил убиен во воениот пуч во 1973 година, кој бил потпомогнат од страна на САД.
1997.- Новоизбраниот претседател на Иран Мухамед Хатами изјавил дека е подготвен да го обнови дијалогот со САД. Тоа била првата официјална најава по исламската револуција во земјата во 1979 година, кога САД и Иран се здобиле со епитетот „големи сатани“.
1997.- Во Рим, на 33-годишна возраст умрел Џовани Ањели, „некрунисаниот крал“ на концернот ФИАТ, наследник на целокупното царство на ФИАТ.
2005.- Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата стапила на сила. Таа е првиот обврзувачки глобален документ кој ја регулира борбата против корупцијата во државниот и приватниот сектор.
2013.- На 73-годишна возраст починал Мирко Павловски, истакнат долгогодишен уметник-виолончелист на Македонската филхармонија. Целиот работен век го помина во Македонската филхармонија, а бил и долгогодишен соработник на оркестарот на Македонската опера и балет.
2015.- По кусо боледување на 70-годишна возраст во Мадрид, почина Слободан Чашуле – македонски новинар, политичар, амбасадор, министер за надворешни работи на Македонија во периодот 2001-2002 година. Тој е син на познатиот македонски писател Коле Чашуле. Во 1972 година, Чашуле го завршил своето образование на Папскиот католички универзитет во Лима, Перу. Слободан Чашуле беше еден од основачите на ТВ Скопје, дописник на ТВ Скопје во Чиле и Перу, дописник за Танјуг во Латинска Америка и Карибите, главен уредник на Танјуг во Македонија. Од 1990-1994 беше директор и главен уредник на Македонското радио, потоа генерален директор на „Нова Македонија” – Скопје. На 30 ноември 2001, Чашуле стана министер за надворешни работи на Македонија, четврти по ред во Владата на Љубчо Георгиевски. Во 2002 година беше избран за пратеник во македонското Собрание. Чашуле беше и уредник на неделникот и веб-порталот Форум. Зборуваше англиски, шпански, португалски, француски и италијански. Чашуле е роден во Скопје на 27 септември 1945 година.