45.п.н.е.- Воведен бил во употреба новиот календар, наречен „јулијански“, со кој римскиот државник Гај Јулиј Цезар, според советите на грчките астрономи го реформирал сметањето на времето така што за почеток на годината го определил 1 јануари. Јулијанскиот календар е заснован на Сончева година од 365 дена и шест часа, но во него годината е подолга од Сончевата за 11 минути и 14 секнудни, па поради тоа секоја четврта година е престапна, а на секои 128 години се појавува „вишок“ ден. За да се елиминира тој „вишок“, папата Гргур Тринаесетти, според советите на астрономите, го реформирал календарот во 1582 година и сега Грегоријанскиот календар е практично меѓународен. Јулијанскиот календар го задржаа неколку православни цркви – МПЦ-ОА, Руската црква, Ерусалимската патријаршија и некои други.
1449.- Роден е Лоренцо Медичи, поглавар на Фирентинската република, заслужен за процутот на ренесансната култура во Фиренца, поет, собирач на ракописни книги, слики и скулптури. Умрел во 1492 година.
1502.- Португалски морепловци впловиле во заливот Гуанабара и ова место го нарекле Сао Себастијан де Рио де Женеиро (Свети Себастијан од јануарска река) – бидејќи е ден кога се одбележува споменот на овој светец. На ова место се издигнал градот кој во 1763 година станал главен град на португалската колонија Бразил, а потоа и престолнина на независното царство од 1822 до 1889 година и на републиката од 1899 до 1960 година кога за главен град е определен новоизградениот Бразилија. Пред Рио престолнина на колонијата бил градот Баија.
1515.- Војводата од Ангулем Франсоа по смртта на кралот Луј XII станал француски крал Франсоа Први.
1776.- Водачот на американската борба за независност Џорџ Вашингтон го развиорил знамето на Големата Унија, прво национално знаме во сегашните САД, по повикот од англискиот крал Џорџ III сите побунети колонисти да се предадат.
1782.- Умрел германскиот композитор, пијанист и диригент Јохан Кристијан Бах, најмладиот син на Јохан Себастијан, кој живееше и во Милано и во Лондон, поради што е наречен „италијански Бах“ и „англиски Бах“. Во Англија се прославил како пијанист и организатор на музичкиот живот и станал музички учител на кралицата Шарлот. Дела: 15 опери, повеќе од 60 симфонии, 37 клавирски концерти, 13 увертири, клавирски сонати, камерна музика.
1801.- Со стапување во сила на Актот за обединување, создадено било Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска. Дотогаш биле три кралства под една круна – Англија, Шкотска и Ирска.
1803.- Данска го забранила увозот на робови во Данска и во Западна Индија (денешните Девствени острови) и е прва земја која го забранила ропството.
1804.- Водачот на буната против Французите Жан Жак Десалин, кој потоа станал цар Жак Први, ја прогласил независноста на карипските островски држави Хаити.
1823.- Роден бил Шандор Петефи, унгарски револуцинер и поет. Бил воодушевен приврзаник на револуцијата, републиканец по убедување. Во 1848 година дошол на чело на пештанската младина и станал главен идеолог на мартовската револуција во Унгарија. Негови познати дела се “Витезот Јанош” и “Апостол”. Загинал кај Сегешвар, борејќи се во редовите на револуционерната војска против странските интервенционисти, на 31 јули 1849 година.
1833.- Велика Британија прогласила суверенитет врз Фокландските острови во Атлантикот, околу 500 километри источно од брегот на Аргентина. Овој архипелаг порано бил шпански имот.
1863.- Во текот на Американската граѓанска војна претседателот на САД Абрахам Линколн ја потпишал Еманципаторската прокламација со која се укинало ропството. Тоа предизвикало дополнителен бес во 11 јужни робовладетелски држави кои се бореле за отцепување.
1877.- Британската кралица Викторија Прва е прогласена за царица на Индија.
1879.- Роден е англискиот писател Едвард Морган Форстер. Живел во Италија и во Грција и некои дела се тематски врзани за овие две земји. Дела: „Соба со поглед“, „Едно патување во Индија“, „Најдолгото патување“, „Небески омнибус“, „Вечен момент“.
1881.- Умрел францускиот револуционер Луј Огист Бланки, основач и член на тајните револуционерни здруженија. Бил двапати осудуван на смрт и наречен „Окованиот Прометеј“ бидејќи во темница помина 36 години и пет месеци.
1895.- Роден е американскиот политичар и правник Едгар Џон Хувер, шеф на Федералното истражно биро (ФБИ) од 1924 до 1972 година. Ја предводел борбата против организираниот криминал, посебно во триесеттите години на 20. век за време на прохибицијата.
1901.- Државите Нов Јужен Велс, Викторија, Квинсленд, Јужна Австралија, Западна Австралија и Тасманија ја основале австралиската заедница со Едмунд Бартон како прв претседател на владата. Австралија го добила статусот на доминион и во тоа својство е примена во Британскиот комонвелт.
1903.- Во Солун почнал конгресот на ВМРО, на кој е решено да се дигне востание во Македонија.
1909.- Во Битола излегол првиот број на весникот „Работническа искра“, заштитник на работничките интереси во Турција. Одговорен уредник бил Васил Главинов. Последниот број излегол на 20 мај 1911 година.
1915.- Германците во Првата светска војна во каналот Ла Манш го торпедирале британскиот воен брод „Формидабл“, усмртувајќи 547 луѓе.
1918.- Врз рускиот револуционер Ленин е извршен прв неуспешен атентат од страна на една организација на војници под влијание на десните социјалреволуционери.
1941.- Во Софија умрел Петар Поп Арсов, македонски национален деец и публицист. Учесник бил во создавањето на ВМРО во Солун, во 1893 година, а потоа и член на нејзиниот прв Централен комитет. Му припаѓал на левото крило на Организацијата. Во 1912 година емигрирал во Бугарија. Под псевдонимот „Вардарски“ ја напишал книгата „Стамболштината во Македонија и нејзините претставници“, објавена во Виена, во 1894 година. Роден е во селото Богомила, Велешко, во август 1868 година.
1945.- Во Скопје излегол првиот број на сатирично-хумористичниот весник “Остен”.
1948.- Основана е Државната опера на Народна Република Македонија.
1941.- Во Охрид е отворен Градскиот народен театар.
1956.- Поранешната британска колонија Судан се стекна со независност.
1958.- Стапил на сила договорот за основање на Европската економска заедница, тогаш се уште под името Заеднички пазар, кој на 25 март во 1957 година во Рим го потпишале Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија. Во заедницата, потоа Европска заедница, а сега Европска унија во 1973 година и пристапиле и Велика Британија, Ирска и Данска, во 1981 – Грција, во 1986 – Шпанија и Португалија, во 1995 – Шведска, Финска и Австрија, во 2004 – Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Унгарија, Полска, Словачка, Словенија и Чешка, и во 2007 – Романија и Бугарија.
1959.- Револуционерното движење „26 јули“ под водство на Фидел Кастро победило на Куба, а генералот Фулхесио Батиста по целосниот неуспех заедно со лојалните трупи побегнал во Доминиканската Република.
1960.- Прогласена е независноста на француската африканска колонија Камерун.
1962.- Западна Самоа стана првата независна држава во Полинезија.
1966.- Во Пловдив умрел Петар Манџуков, македонски револуционер, просветен работник, анархист, учесник во четата на Гоце Делчев, еден од основачите на Македонскиот таен револуционерен комитет во Женева (1898 г.), како и соработник на илегалните весници „Отм`штене“ и „Глас“. Позната е неговата мемоарска проза „Предвесници на бурата“. Роден бил во селото Мирковци, Скопско, на 13 јануари 1879 година.
1972.- Умрел францускиот пејач и актер Морис Шевалие, заштитен знак на француската музичка комедија. Ја напишал автобиографијата „Мојот пат и моите песни“. Филмови: „Љубовна парада“, „Насмеаниот поручник“, „Веселата вдовица“, „Молчењето е злато“, „Имав седум ќерки“, „Живот за кариера“, „Жижи“, „Фани“.
1979.- САД и Народна Република Кина воспоставиле дипломатски односи, 30 години по основањето на Народна Република Кина.
1981.- Грција станала десеттата членка на Европската економска заедница, денешна Европска унија.
1992.- Египетскиот дипломат Бутрос Бутрос Гали го наследил перуанскиот колега Хавиер Перес де Куељар на местото генерален секретар на Обединетите нации.
1993.- Чешка и Словачка станале самостојни држави, со што престанала да постои Чехословачка, основана во 1918 година.
1995.- Шведска, Финска и Австрија и се приклучиле на Европската заедница, со што бројот на членките на оваа организација изнесува 15.
1995.- Во Скопје умрел Методија Ивановски – Менде, македонски сликар и сценограф. Роден е во Битола, во 1929 година.
1997.- Здружението на издавачите и книжарите на Македонија е примено во Меѓународната асоцијација на издавачите со седиште во Женева.
1999.- Официјално е пуштена во промет единствената европска валута – евро. Банките почнале новата валута да ја користат по три дена.
2002.- Околу 300 милиони Европјани почнале да го употребуваат еврото, а од членките на ЕУ само Велика Британија, Данска и Шведска ги задржале национални валути.
2004.- Во Скопје умрел Бранко Варошлија, македонски писател, драматург, критичар, полемичар и новинар. Автор е на романот „Последниот лет на птицата селица“ и на расказите „Осамени минувачи“. Роден бил во Скопје, на 1 јануари 1934 година.
2006.- Во Шпанија стапил во сила законот со кој се забранува пушење на јавни места, канцеларии, трговски центри и други затворени простории. Со законот биле забранети рекламирање и промоција на тутунот.
2007.- Романија и Бугарија станале членки на Европска унија.
2012.- Умрел Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија. Бил претседател во два мандата од 1991 до 1999 година. По пензионирањето Киро Глигоров беил активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“. Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН. На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“. Според неговата последна желба, погребот бил извршен во кругот на семејството. Роден бил на 3 мај 1917 година во Штип.
2013.- Во 72-та година од животот починал писателот Коле Мангов. Член на Друштвото на писателите на Македонија бил од 1977 година. Автор е на поетските книги „Гладострав” и „Вик”, како и на публицистичките дела „За македонските човекови права” и „Во одбрана на македонскиот национален идентитет”. Коле Мангов е роден во 1940 година во селото Баница, Леринско, Егејска Македонија.
2014.- На 82 години почина проф. д-р Тодор Џунов, кој од 1985 до 1988 година бил ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1954 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде што од 1974 бил редовен професор и декан од 1981 до 1983. Во 1994 станал судија, а во 2000 година претседател на Уставниот суд на Република Македонија. Објавил повеќе од 120 научни и стручни трудови. Добитник е на наградата „11 Октомври“ за монографијата „Меѓународното регулирање на користењето на водите“, на Медал на Универзитетот во Хале (Германија) и на Софискиот универзитет. Проф. д-р Тодор Џунов е роден во 1931 во кавадаречкото село Ваташа.