1493.- На своето второ патување за Америка, на кое тргна со 17 бродови и со 1.500 луѓе, Кристифор Колумбо го откри островот Порторико.

1600.- Роден е англискиот крал Чарлс I Стјуарт, чие авторитарно владеење предизвика револуција и укинување на монархијата. Под притисок на парламентот, во 1628 година издаде „Петиција за правата“ со која ги гарантираше правото на парламентот и личната слобода на граѓаните. Обврската набргу ја погази. Владееше 11 години самостојно, но во 1640 година мораше да го свика парламентот кој ги ограничи неговите права.

1497.- Португалскиот морепловец Васко де Гама на своето прво патување, во дотогаш непознат свет, го откри патот за Индија, околу ‘Ртот Добра Надеж.

1711.- Во селото Мишанинско, е роден Михаил Василевич Ломоносов, руски научник, писател, академик и енциклопедист со светски глас. Умре во Петроград, на 15 април 1765 година.

1805.- Роден е Фердинанд де Лесепс, француски дипломат, инженер, градител на Суецкиот Канал (1859-1869). Во 1881 година почна да го гради и Панамскиот Канал, меѓутоа поради финансиската криза, не успеа да го изгради. Умре на 7 декември 1894 година.

1809.- Наполеоновите сили ги победија Шпанците кај Окана и ја зазедоа речиси цела Андалузија освен Кадиз.

1831.- Роден е американскиот претседател Џејмс Ејбрам Гарфилд, кој стана шеф на државата во март 1881 година. Беше тешко ранет во атентат во јули 1881 година. Умре два месеци по атентатот.

1888.- Роден е кубанскиот велемајстор Хосе Раул Капабланко и Грауперо, светски првак во шах од 1921 до 1927 година. Изгуби само една партија во периодот од 1914 до 1924 година, по што е единствениот во историјата на шахот. Титулата ја освои победувајќи во мечот со германскиот велемајстор Емануел Ласкер со 4:0 и со десет реми, а загуби од рускиот велемајстор Александар Аљехин со 6:3 и со 25 реми. Дела: „Основи на шахот“, „Мојата шаховска кариера“.

1917.- Родена е Индира Ганди, претседател на индиската влада од 1966 до 1975 и од 1980 до  31 октомври 1984 година кога е убиена пред нејзината резиденцијата во Њу Делхи, од страна на тројца припадници на најзината лична гарда.

1918.- Со поддршка од западните земји и белите чехословачки одреди во контрареволуцијата против болшевичката власт, царскиот адмирал Александар Колчак изведе преврат во Омск, и воспостави воена управа во Сибир, на Урал и на Далечниот исток, а се прогласи и за „врховен водач на руската држава“. Тоа беше почетокот на походот на силите на Антантата против советските власти воспоставени со Октомвриската револуција. Колчак во 1919 година беше заробен и стрелан во Иркутск.

1920.- Во Битола е роден Бранко Зарески, македонски поет, критичар и еден од доајените на македонското новинарство. Умре во Скопје, на 4 мај 1979 година.

1936.- Во првите борби пред Мадрид, како борец на интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна (1936-1939), загина Ганчо Хаџипанзов, македонски револуционер и поет. Од неговото поетско творештво е позната само поемата „Ќе се вратам“. Роден е во Велес, во 1900 година.

1942.- Советските трупи во Втората светска војна со силен контраудар во Сталинград ги поразија единиците на Шестата и Четвртата оклопна германска армија кои капитулираа во почетокот на 1943 година.

1944.- По петдневни борби кај хидроцентралата „Матка“, селата Глумово, Групчин, Копачин Дол и Ларце против силите на албанските балисти, единиците на Педесеттата македонска дивизија и на Третата македонска бригада го ослободија Тетово.

1946.- Во Париз е отворена првата конференција на УНЕСКО (специјализирана агенција на Обединетите нации за образование, наука и култура).

1969.- Моделот на американскиот вселенски брод „Аполо 12“ со астронаутите Чарлс Конрад и Ален Бин се спушти на Месечината.

1977.- Претсдателот на Египет Анвар ел Садат како прв арапски лидер допатува во Ерусалим каде со претседателот на владата на Израел Менахем Бегин преговараше за окончување на военатата состојба во двете земји. Претходно во Кемп Дејвид двајцата со посредство на американскиот претседател Џими Картер склучија договор за сепаратен мир и етапно повлекување на Израелците од Синај.

1984. Во Мексико Сити во експлозија на гас и пожар загинаа повеќе од 550, а беа повредени повеќе од 4.200 луѓе.

1985.- Вo Белград умре Благоја Чешларов, истакнат македонски музичар – интерпретатор, музички педагог и основач на повеќе музички групи и оркестри.

1990.- Со потпишувањето на договорот за конвенционалните сили во Европа и за уништување на дел од вооружувањето, лидерите на НАТО и Варшавскиот пакт објавија дека заврши студената војна меѓу двата воени блока.

1991.- Пратениците на Собранието на Република Македонија едногласно донесоа Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава.

1995.- Исламски терорист-самоубиец со камион со експлозив влезе во египетската амбасада во Исламабад усмртувајќи 16 луѓе.

1996.- На историската прва средба во Ватикан меѓу папата Јован Павле II и претседателот на Куба Фидел Кастро, поглаварот на римокатоличката црква ја прифати поканата за посета на Куба.

1988.- Со сведочењето на независниот тужител Кенет Стар, кој го обвини претседателот на САД Бил Клинтон за попречување на правдата, формално започна постапката за импичмент против шефот на државата, трет во американската историја.

1998.- Конституирано е третото (второ по осамостојувањето) Собрание на Република Македонија. За претседател е избран Саво Климовски.

2000.- Претседателот на САД Бил Клинтон ја заврши тридневната посета на Виетнам, прва на еден шеф на американската држава по 25 години од завршувањето на Виетнамската војна.

2002.- Танкерот „Престиж“ кој превезуваше 77.000 тони нафта потона на 270 километри од северозападниот брег на Шпанија, предизвикувајќи еколошка катастрофа по должината на брегот.

2004.- Умре британскиот научник Џон Вејн, кој во 1982 година ја доби Нобеловата награда за медицина за откривање на начинот на делување на аспиринот.

2007.- Умре Елен Милен – Прајс, австриски мечувач, трикратна првенка во светот. Во Лос Анѓелес во 1932 година ја освои првата златна олимписка медаља во мечување. Родена е во Берлин, а во 1930 година се пресели во Виена, каде работеше во престижниот виенски Бургтеатар. На Летните олимписки игри во 1936 година во Берлин и во Лондон во 1948 година го освои третото место. Беше трипати прва во светот – 1947, 1949 и во 1950 година.

2007.- Умре Магда Сабо, унгарска писателка. Нејзните дела се преведени на многу јазици, меѓу кои на германски, англиски и француски. Во време на сталинизмот нејзините дела беа забранети. Во 1958 година е публикуван нејзиниот роман „Фреска“. Добитник е на низа признанија, како што се наградата „Кошут“, најпрестижната во Унгарија и „Фемин“ за романот „Врата“ во 2003 година, угледна француска литературна награда.