11 февруари 2019
1650.– Во Стокхолм умре Рене Декарт, француски филозоф, математичар и физичар. Неговите дела претставуваат основа на модерната филозофија, а во математиката темел на аналитичката геометрија. Најзначајни дела му се “Принципи на филозофијата”, “Расправа за методите”, “Геометрија” и други. Роден е на 31 март 1596 година.
1741.- Роден е Андре Ернест Гретри, француски композитор и музички писател, од белгиско потекло, најистакнат композитор на комични опери во 18. век. Негови познати дела се „Ричард Лавовско Срце“, „Карван од Каиро“ и други, а пишуваше и мемоари и есеи. Умре на 24 септември 1813 година.
1847.- Роден е Томас Алва Едисон, американски техничар и пронаоѓач. Негови најзначајни пронајдоци се фонографот (грамофонот), микрофонот, акумулаторот, електричната светилка, го усоврши телефонот, меѓу првите изгради електрична централа, прв ја примени филмската лента од целулоид и изгради прво филмско ателје во светот. Умре во 1931 година.
1868.- Умре францускиот физичар Жан Бернар Леон Фуко, кој заедно со Арман Физо ја измерија брзината на светлината.
1879.- Умре Оноре Домие, француски сликар, графичар и вајар. Во своите дела, особено во графиките, беше силен сатиричар на своето време и аналитичар на негативните општествени и морални појаси. Вистинското значење на неговиот опус го сфатија дури и импресионистите. Роден е на 26 февруари 1808 година.
1889.- Јапонија доби нов устав, со кој во земјата се востанови дводомно собрание, но царот ја задржа извршната власт, и што е уште поважно, неговата традиционална духовно-верска улога остана нечепната.
1909.- Роден е американскиот режисер, сценарист и продуцент Џозеф Лео Менкевич, добитник на два Оскара за режија и два за сценарио. Филмови: „Се за Ева“, „Писма до трите жени“, „Јулиј Цезар“, „Клеопатра“, „Босонога контеса“, „Бегство“, „Луѓето ќе зборуваат“, „Тивкиот Американец“ „Пет прсти“…
1917.- Во Чикаго е роден Сидни Шелдон, американски писател, еден од најчитаните автори во светот на сите времиња. Познати му се делата „Се плашиш ли од мракот“, „Гневот на ангелите“, „Господар на играта“ и други. Умре во калифорнискиот град Ранчо Мираж, на 30 јануари 2007 година.
1919.- Фридрих Еберт е избран за прв претседател на Германија, која по поразот во Првата светска војна стана република.
1920.- Роден е египетскиот крал Фарук Први, последен монарх на Египет. На престолот застана во 1936 година, а во 1952 година беше симнат од побунетите офицери, по што беше принуден да ја напушти земјата. Умре во Рим во 1965 година.
1929.- Со потпишувањето на Латеранскиот договор меѓу папата Пие Единаесетти и Италија, основана е ватиканската држава – “Чита дел Ватикано”. Државата Ватикан се наоѓа во центарот на Рим, оградена со ѕидини и зазема површина од 44 хектари и има 3.000 жители. Ватикан има своја радиостаница, телеграфска и поштенска служба, монетарен систем и железничка станица. Врховната власт ја има папата, а политичките работи ги врши државен секретар.
1945.- Во Јалта на Крим, е завршена Кримската конференција на која шефовите на владите на трите големи сили на антихитлеровската коалиција, Сталин (СССР), Рузвелт (САД) и Черчил (Велика Британија), ги усогласија воените планови за окончување на војната против Германија и Јапонија. Притоа усвоија резолуција за “ослободена Европа” и се договорија за основање “општа меѓународна организација за мир и безбедност” во светот – Обединетите нации.
1953.- Умре српскиот сликар Урош Предиќ, член на Српската кралска академија. Тој е еден од најголемите српски сликари во историјата на земјата. Беше изразит академски реалист. Сликарство учеше во Виена и Минхен. Големата композиција со класична митологија која ја изработи во дворецот на горниот дом во зградата на новото Виенско собрание му го донесе местото асистент на виенската ликовна Академија. Изработи повеќе од илјада икони и низа иконостаси. Работеше и историски композиции – „Босански бегалци“, „Косовска девојка“, „Сираче на мајчиниот гроб“, „Весели браќа“.
1956.- Во снежните лавини во подкорапскиот регион, животот го загубија 52 градители на Мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и жители на неколку горнорекански села.
1958.- Тунис ја извести Франција дека нејзините воени бродови повеќе нема да можат да го користат пристаништето Бизерта.
1963.- Во Љубљана умре Фран Алберт, истакнат словенечки писател, еден од најстарите есеисти и критичари. Роден е во Камник, на 17 ноември 1889 година.
1970.- Јапонија стана четвртата земја во светот која лансира вештачки сателит.
1971.- На церемониите во Москва, Вашингтон и во Лондон, 63 земји го потпишаа договорот за забрана за складирање нуклеарно оружје на дното на морињата и океаните.
1975.- Убиен е претседателот на Мадагаскар Ричард Рацимандрав, по само шест дена откако почна да ја обавува функцијата шеф на државата.
1975.- Првпат во Велика Британија шеф на една политичка партија стана жена. За претседател на Конзервативната партија е избрана Маргарет Тачер.
1978.- Во Стокхолм умре Хари Едмунд Мартинсон, шведски писател и академик. Уште на 16 години стана морнар и низа години пловеше од Италија до Бразил. Меѓу најпознатите негови дела спаѓаат романите „Копривите цветаат“, „Заминување“, „Патување без цел“, „Кап Фарвел“ и други. Во 1974 година ја доби Нобеловата награда за литература. Роден е во Јемсхег, на 6 мај 1904 година.
1985.- Во Лос Анџелес умре Хенри Матавеј, славен американски филмски режисер. Добитник е на еден “Оскар”, но сними дури 66 филмови, меѓу кои најпознати се неговите вестерни “Наследството на пустината”, “Напад на поштенската кочија”, “Ѓаволска градина” и други. Роден е во 1899 година.
1990.- Лидерот на Африканскиот национален конгрес Нелсон Мандела е ослободен по 27 години поминати во јужноафриканските затвори.
1990.- Во Скопје е основана Лигата за демократија. За претседател е избран Ѓорѓи Марјановиќ.
1992.- Во Штип умре Методи Докузов, легендарен музички педгог на овој град и еден од основоположниците на музичката култура во Македонија. Роден е во Штип, во 1917 година.
1992.- Во Сиетел умре Алекс Хајли, американски писател, автор на познатиот роман – хроника „Корени“, за кој во 1977 година ја доби Пулицеровата награда. Роден е во 1922 година.
1993.- Умре српската писателка Десанка Максимовиќ, член на Српската академија на науките и уметностите. Завриши Филозофски факултет во Белград и беше професор во Обреновац, Дубровник и во Белград. Дела: „Песни“, „Зелениот витез“, „Татковино, тука сум“, „Мирисот на земјата“, „Барам помилување“, „Немам повеќе време“, „Песни од Норвешка“, „Ничија земја“…
1994.- Со слетувањето на Земјата на шатлот „Диксавери“ со пет американски астронаути и еден руски космонаут, заврши првата американско-руската спејс шатл мисија.
2000.- Во Париз умре Роже Вадим, француски режисер. Роден е во 1928 година.
2001.- Во Тетово е поставен камен-темелник на Штуловиот колеџ, првиот приватен универзитет во Република Македонија.
2002.- Ватикан го формализира присуството во Русија со создавање на четири римокатолички дијацези, не обрнувајќи внимание на протестите на Руската православна црква.
2004.- Во експлозија на автомобил-бомба во регрутниот центар во Багдад убиени се 47 луѓе.
2004.- Во Скопје умре Томе Саздов, професор по народна литература, научен работник и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе книги, меѓу кои: „Македонски народни приказни“, „Марко К. Цепенков како собирач на македонски народни умотворби“, „Македонска народна лирика“, „Усна книжевност на Македонците“, „Историја на македонската книжевност – усна народна книжевност“, „Непознатиот Прличев“ и други. Роден е во Скопје, на 8 февруари 1934 година.
2006.- Американскиот милионер и авантурист Стив Фосит постави нов светски рекорд во најдолго летање без сопирање, прелетувајќи за 76 часа 42.469 километри од Флорида околу Земјата во источен правец, па се до јужна Англија, двапати прелетувајќи го Атлантскиот океан.
2008.- Умре американскиот конгресмен Том Лантос, познат албански лобист кој отворено заговараше независност за Косово и посебно се залагаше за разбивање на Србија. Лантош претседавајќи со Комитетот за надворешна политика на американскиот Конгрес, демократ од Калифорнија, на Конгресот му поднесе повеќе резолуции за поддршка за независност на Косово. Роден е во Будимпешта, во еврејско семејство, и беше единствен член на Конгресот кој го преживеа холокаустот. Во САД дојде во 1947 година по добивањето стипендија за школување по што докторираше на калифорнискиот „Беркли“ универзитет и ја изгради универзитетската кариера.
2013.- Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесетти за време на мисата во Рим најави дека ќе се повлече од должноста на 28 февруари во 20 часот по Гринич. Бенедикт Шеснаесетти е првиот папа по речиси 600 години кој поднесува оставка на функцијата. Тој оваа функција ја извршуваше речиси осум години, од неговиот избор на 19 април 2005 година.
2013.- Во Франција пуштена во употреба најбрзата интернет врска во должина од 450 километри, која ги поврзува Париз и Лион. Новата технологија „Фотонски двигател“ овозможува да се пренесуваат информации со брзина до 400 гигабајти во секунда.