На денешен ден – 16 март
16 март 2019
37.- Умре римскиот цар Тибериј (Клавдиј Нерон Цезар Август) посинок на Октавијан Август, кој во текот на владеењето ги осигура границите на Римското царство без нови освојувања, но ги подобрил финансиите и администрацијата, посебно во провинциите. Претходно се прославил во воените походи во Германија, Панонија и во Далмација.
1480.- Во Саброза, Италија, е роден Фернандо Магелан, португалски морепловец во служба на Шпанија. Пловејќи по должината на Јужна Америка и низ теснината на Огнена Земја, што подоцна го добил неговото име, на 16 март 1521 година стигна до Тихиот Океан на Филипинските Острови. Загинал во борба со домородците на островот Макатан, на 27 април 1521 година.
1521.- Португалскиот морепловец Фернандо Магелан стигнал до Тихиот Океан на Филипинските Острови.
1534.- Англија ги прекинала сите врски со Римокатоличката црква.
1736.- Умре италијанскиот композитор Ѓовани Батиста Перголези. Дело: операта „Слугинката господарка“.
1751.- Роден е американскиот државник Џемјс Медисон, „татко на американскиот устав“, претседател на САД од 1809 до 1817 година. Со Александер Хамилтон и Џон Џејм го напишале делото „Федералистички акти“ заради придобивање поддршка за ратификација на уставот со кој наместо конфедерација, се воведува поцврстата унија на федерални држави на САД.
1787.- Роден е Георг Симеон Ом, германски физичар. Го открил односот меѓу струјата и електромоторната сила, според неговото име наречен е Омовиот закон. Тој дал значајни прилози во акустиката, во оптиката на кристалот и во математиката. „Ом“ е единица за мерење на електричниот отпор во меѓународниот систем на мерки. Умрел во 1854 година.
1808.- Користејќи ја зафатеноста на Шведска во војната со Наполеон, рускиот цар Александар Први ја освоил Финска и ја прогласил за руска провинција.
1851.- Шпанија склучила конкордат со Ватикан според кој римокатоличката вера станала единствена религија во земјата.
1859.- Роден е рускиот физичар и електроинженер Александар Степанович Попов, кој ја пронашол и ја воспоставил првата радиотелеграфска врска. Го направил првиот радиоприемник, пред италијанскиот пронаоѓач Гиљемо Маркони.
1920.- Трупите на Антантата го окупирале Цариград, тогаш главен град на Турција, поразена во Првата светска војна.
1925.- Во Берлин умрел Аугуст фон Васерман, познат германски лекар, научник – бактериолог, кој во 1906 година прв го вовел методот за преглед на крвта. Роден бил во 1866 година.
1930.- Умрел шпанскиот генерал Мигел Примо де Ривера и Орбанех, профашистички диктатор на Шпанија од септември 1923 до јануари 1930 година. Неговиот режим се обидел да ја обедини Шпанија под мотото „една земја, една вера, една монархија“, но не успеал да создаде прифатлив политички систем. Поднесол оставка под притисок на војската од која не ја добил поддршката.
1934.- Во Рим бил потпишан италијанско-унгарско-австрискиот „Дунавски блок“, со кој била поддржана експанзионистичката политика на Италија кон „Малата антанта“ – Југославија, Чехословачка и Романија.
1935.- Германија потполно ја отфрлила клаузулата за разоружување предвидена со Версајскиот договор со кој завршила Првата светска војна.
1939.- Словачка, еден ден откако германските трупи ја окупирале Чешка, по директива на Адолф Хитлер, била прогласена за „независна држава“, со што Чехословачка била уништена.
1940.- Роден е италијанскиот филмски режисер Бернардо Бертолучи. Филмови: „Пред револуцијата“, „Партнер“, „Конформист“, „Последното танго во Париз“, „Дваесеттиот век“, „Месечина“, „Смешен човек“, „1900“, „Последниот кинески цар“.
1940.- Во Морбака умрела Селма Отилија Ловиса Лагерлеф, шведска писателка, романсиерка. Познати се нејзините романи „Сага за Јоста Берлинг“, „Невидливи врски“, „Прекрасното патување на Нилс Холгерсон“ и други дела. Во 1909 година добила Нобеловата награда за литература. Родена е во Морбака, на 20 ноември 1858 година.
1956.- Во Париз умрела Ирена Жолио-Кири, ќерка на Пјер и Марија Кири, пронаоѓачи на радиумот. Ирена Жолио-Кири и нејзиниот маж Жан Фредерик Жолио во 1935 година ја добиле Нобеловата награда за хемија. Родена била во Париз, на 12 септември 1897 година.
1956.- Во Скопје излегол првиот број на весникот „Народна просвета“, весник на културно-просветниот и општествениот живот.
1962.- Лансиран бил првиот советски сателит од серијата „Космос“.
1968.- Американските трупи во Виетнамската војна масакрирале најмалку 500 виетнамски цивили во селото Ми Лај, вклучувајќи деца и жени, меѓу кои и многу бремени жени. За ова злосторство иако целиот свет беше згрозен никој од сторителите не беше казнет.
1978.- Терористичката организација „Црвени бригади“ во Рим го киднапирала поранешниот италијански премиер Алдо Моро. Терористите го држеле во заложништво до мај 1978 година, кога и го убија.
1987.- Од Железничката станица во Скопје тргнал првиот воз на електричен погон на магистралната пружна делница Скопје – Гевгелија.
1999.- Европската комисија поднесла колективна оставка, првпат од основањето на ова извршно тело на Европската унија.
2005.- Израелската армија го предала градот Ерихон под палестинска управа.
2008.- Во Џорданвил, САД, умрел поглаварот на Руската православна црква во странство, митрополитот Лавр (Василиј Михајлович Шкурла). Руската православна црква во странство била формирана во Сремски Карловци, во 1922 година. Лавр е роден во Ладомор, во Прашевска Русија (сега и припаѓа на Словачка), во 1927 година.
2009.- Умрел Петар Бачо, унгарски филмски режисер. Славата ја стекнал прво со филмот „Сведок“ во 1969 година, а потоа и со продолжението „Повторно сведок“ во 1994 година. Носител бил на бројни филмски признанија и се смета за еден од најголемите унгарски режисери во 20. век.
2011.- Рускиот шатл „Сојуз“ со екипаж од тројца астронаути слетал безбедно на космодромот во Казахстан. Екипажот на вселенскиот брод „Сојуз“ го сочинувале американскиот астронаут Скот Кели и руските астронаути Олег Скрипочка и Александар Калери. „Сојуз“ се вратил по пет месеци во вселената закачен за Меѓународната вселенска станица.
2014.– Граѓаните на Крим на референдум се изјаснуваат дека сакаат да станат составен дел од Руската Федерација. Поддршката изнесувала 96,77 отсто при излезност од 83 проценти. Највеќето неизлезени биле Кримски Татари, кои решиле да го бојкотираат гласањето.