19 април 2019
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар брат на Константин Филозоф – Кирил, двајцата македонски и сесловенски учители и просветители. Создавајќи ја првата словенска азбука, преведувајќи ги на словенски јазик најпотребните богослужбени книги, издигнувајќи еден македонски говор на прв словенски книжевен јазик и формирајќи силни следбеници, како што беа нивните ученици Климент Охридски, Константин Брегалнички и други словенски просветители, Кирил и Методиј станаа најзаслужни за словенската просвета, богослужба и култура. Методија е роден околу 825 година.
1587.- Британската флота под команда на адмирал Френсис Дрејк го освои градот Кадис во Шпанија. Шпанската “непобедлива армада” е уништена во наредните неколку години во Ла Манш.
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски економист, главен претставник на англиската класична школа, приврзаник на теоријата за работната вредност. Во 1809 година го објави памфлетот “Цената на златото”. Најпознато негово дело е “Принципи на политичката економија”. Умре во Лондон, на 11 септември 1823 година.
1775.- Американската војна за независност почна со поразот на Британците кај Лексингтон и Конкорд.
1783.- Конгресот на САД објави дека со победа заврши војната за независност од Велика Британија.
1824.- Во Мисолонги, Грција, умре Џорџ Гордон Бајрон, англиски поет. Негови најзначајни поетски дела се “Чајлд Харолд”, “Каин”, “Манфред”, “Гусар” и “Дон Жуан”. Роден е во Лондон, на 22 јануари 1788 година.
1881.- Умре Бенџамин Дизраели, англиски политичар, државник и писател, основач и водач на конзервативците, еден од главните протагонисти на англиската експанзионистичка политика во втората половина на 19 век. Објави забележителни литературни и политички дела, политички записи и сведоштва. Роден е на 21 декември 1804 година.
1882.- Умре Чарлс Дарвин, британски научник, творец на теоријата на еволуцијата на живите суштества. Од 1813 година до 1836 година учествуваше на научната експедиција на бродот “Бигл”, која имаше пресудно значење за поставување на неговата теорија за органската еволуција, која беше во спротивност со учењето на црквата. Во своето капитално дело “Потеклото на видовите” ја изнесе суштината на трансформистичките документи наречени “дарвинизам”. Роден е на 12 февруари 1804 година.
1906.- Во Париз умре Пјер Кири, француски физичар и хемичар. Заедно со својата сопруга Марија Кири ги удри темелите на науката за радиоактивноста, пронаоѓајќи два важни елемента: радиумот и полониумот. Роден е во 1859 година.
1911.- Во Португалија е одвоена црквата од државата.
1921.- Стапи на сила законот за поделба на Ирска на Република Ирска и Северна Ирска, која остана дел од Велика Британија. Независноста е резултат на многубројните востанија на Ирците, па британската влада, немоќна со оружје да го спречи бунтот, го подели Островот и на поголемиот дел му ја призна независноста.
1945.- Американските војници во Втората светска војна го зазедоа германскиот град Лајпциг.
1967.- Умре германскиот државник Конрад Аденауер, канцелар на Западна Германија од 1949 година до 1963 година.
1971.- СССР ја лансира вселенската станица “Салјут” во орбитата околу Земјата.
1975.- Од космодромот Бајконур со советска ракета е лансиран првиот индиски вештачки сателит.
1984.- Лансиран е првиот кинески телекомуникациски сателит. Пред Кина тоа им успеа само на Советскиот Сојуз и на САД.
1989.- Во експлозија за време на поморските маневри во Атлантикот на американскиот воен брод „Ајова“ загинаа 47 луѓе.
1993.- Кралството Холандија ја призна независноста на Република Македонија.
1995.- Во експлозија во една федерална зграда во американскиот град Оклахома Сити загинаа најмалку 168 луѓе.
2000.- Во најтешката несреќа во историјата на филипинското воздухопловство загина 131 патник и членови на екипажот кога авион на компанијата „Ер Филипинс“ се урна во близина на градот Давао во јужниот дел на Филипините.
2005.- Конклавата на кардиналите на Римокатоличката црква го избра германскиот кардинал Јозеф Рацингер за нов папа. Тој го избра името Бенедикт Шеснаесетти. Изборот на новиот папа беше означен со бел чад од Сикстинската капела и беше потврден со биење на камбаните десетина минути подоцна од базиликата “Свети Петар”. Бенедикт Шеснаесетти е 256-ти по ред избран папа и е првиот Германец избран за понтиф по 480 години.
2007.- Умре францускиот актер Жан-Пјер Касел. Роден е во Париз во октомври 1932 година како син на доктор и оперска пејачка. Филмови: „Среќен пат“, „Тројцата мускетари“ и „Четворицата мускетари“, „Дискретниот шарм на буржоазијата“, „Пекол“, „Церемонија“ „Pret-a-porte“.
2013.- Србија и Косово постигнаа договор во рамките на дијалогот што се водеше во Брисел со посредство на ЕУ. Спогодбата предвидува широка автономија за косовските Срби и надлежности за косовските Албанци врз териториите на Косово, во кои мнозинството од населението се Срби.