Пред 90 години на 25 јуни 1934 година, во селото Слоештица, демирхисарско е роден Петре М. Андреевски, македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје.

Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“.

Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија на чие чело бил еден мандат. Творештвото на Андреевски опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн.

Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Најпознати дела: „Јазли“, „И на небо и на земја“, „Дениција“, „Дални наковални“, „Пофалби и поплаки“, „Вечна куќа“, „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“, „Пиреј“, „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“, „Тунел“ и други. Бил добитник на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“.

Постхумно му бил доделен Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Починал на 25 септември 2006 година, а бил погребан во родното село.

Промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ во МАНУ

Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, денеска напладне во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе биде промовирана „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.

Изданието, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син Петре М. Андреевски.

Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“, како што посочуваат од „Арс Ламина“, се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.

Во Слоештица се одбележаа 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски

Во селото Слоештица денеска се одбележаа 90 години од раѓањето на македонскиот поет и раскажувач Петре М. Андреевски, во организација на Македонското научно друштво – Битола, при што претседателката на друштвото, Невена Груевска и амбасадорот на Европската делегација во земјава, Дејвид Гир положија цвеќе на гробот на Петре М. Андреевски.

По положување на цвеќе Груевска и Гир имаа обраќања на настанот, и посебно беше акцентирана големината на Петре М. Андреевски како еден од најзначајните македонски поети, раскажувачи, романописци и есеисти, кој дал посебно важен приднес во градењето на македонскиот национален идентитет и македонската современа книжевност.

Претседателката на друштвото во знак на благодарност за отстапениот простор, на претставниците на Задружниот дом во с. Слоештица им врачи книги, донација од издавачката дејност при МНД – Битола, како и од Педагошки факултет – Битола, со цел збогатување на фондот на книги на библиотеката во с. Слоештица.

Настанот беше збогатен со рецитал на избрани песни од богатиот поетски опус на нашиот поетски македонски великан, посебно од неговата најпрочуена стихозбирка „Дениција“.

 

Со цел присутните поблиску да се запознаат со ликот и делот на Петре М. Андреевски, на настанот се одржа и квиз со едукативен карактер, подготвен од студенти на Педагошки факултет – Битола. На учесниците во квизот, претседателката на МНД – Битола им врачи книги од и за Петре М. Андреевски, донација од издавачката куќа Арс Ламина.

-По завршувањето на рециталот и квизот, присутните се поканети од страна на семејството на Петре М. Андреевски, во Арт Поинт – Гумно, каде свечено ќе биде откриена скулптура од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов, инспирирана од „Песна за мојата песна“ објавена во безвременската поетска збирка на Петре М. Андреевски, „Дениција“, соопштија организаторите.

Настанот е во организација на Одделението за лингвистика и литература при Македонското научно друштво – Битола. Со-организатори на настанот се Педагошки факултет – Битола, Ректорската управа на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенскиот сојуз при Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Арт Поинт – Гумно, Задружен дом во с. Слоештица и Europe House од Битола.

ФОТО: Еуропе хаоус