На денешен ден пред 65 години во Струмица е роден македонскиот претседател Борис Трајковски, кој трагично го загуби животот во авионска несреќа на службен пат кон Мостар во Босна и Херцеговина.

Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година. Тој е вториот по ред претседател на Република Македонија (од 15 декември 1999 година, до 26 февруари 2004 година).

Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1980 година, специјализирал економско право и трудово право. До 1997 г. раководел со правната служба во стопанско претпријатие, а од 1997 до 1998 г. бил шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода во Скопје.

Од крајот на 1998 г. беше заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата на Љубчо Георгиевски. Тој, исто така, беше и претседател на Комисијата за надворешно-политички односи на ВМРО-ДПМНЕ и политички советник за надворешна политика на председателот на ВМРО-ДПМНЕ, беше член на

Претседателството на невладината организација Паневропско движење на Република Македонија и на меѓународната конференција „Разрешување на конфликти” со седиште во Атланта, САД.

Учествувал на многубројни меѓународни конференции на тема разрешување на конфликти, религиозна толерантност, религиозна слобода, а беше и претседател на Младинската организација на Обединетата методистичка црква во Југославија повеќе од 12 години.

Трајковски загина на 26 февруари 2004 г. во авионската несреќа што се случи во планински предел во близина на Мостар. На пат кон БиХ во истиот авион патуваа вкупно девет луѓе и сите трагично ги загубија животите.

Претседателот Борис Трајковски остана запаметен како политичар кој не глумеше блискост со луѓето, туку природно и вистински беше непосреден и срдечен со нив.