Во годината пред илинденското востание, на денешен ден во 1902 година загинал војводата Веле Марков, четата на војводата Веле Марков е предадена и обиколена кај демирхисарското село Ракитница и нападната од турската војска.
Нерамната борба траела цел ден. Како засилување на Веле Марков, дошла четата на војводата Јордан Пиперката заедно со градската полиција од Крушево но не успеваат навреме да го пробијат обрачот од турската војска. Загинуваат шест македонски борци меѓу кои и војводата Марков. Оваа битка била една од неколкуте инциденти во предилинденскиот период во тој регион на Македонија кои придонеле подоцна да се омасови Илинденското востание.
Веле Марков бил револуционер, член на ТМОРО. Роден е во крушевското село Селце во 1870 година и израснат во сиромашно семејство.
Во 1892 година заминува на печалба во Софија каде работи како ѕидар и столар. Во Софија се зближува со Васил Главинов и станува член на работничката социјалистичка група. Марков го основал столарскиот синдикат и во 1893 година со Главинов ја основале Македонската социјалистичка група, во која членувал и Никола Карев.
Под раководство на македонскиот социјалист Васил Главинов, во јуни 1895 година почна да излегува весникот на македонските социјалисти „Револуција“. Весникот излегувал еднаш неделно и бил на бугарски јазик. Весникот бил сметан за сепаратистички од бугарските државнички кругови поради објавувањето пораки дека Македонија ќе добие слобода само преку самите Македонци, и дека слободата не е во Бугарската егзархиска црква. Во раководството на весникот се наоѓа Веле Марков заедно со неколку други социјалисти.
Во 1899 година Веле Марков се враќа во Македонија и заедно со Никола Карев ја формираат социјалистичката група во Крушево. Подоцна се населува во Битола каде работи како столар. Исто така и во градот на конзулите основа социјалистички кружок, а на 2 јуни 1900 година организира конференција во Крушевско, на која се решава социјалистичките групи да стапат во Македонската револуционерна организација.
(Подготвил: Д.Г.)