На денешен ден пред 114 години е загинат војводата Славејко Арсов, а тешко бил ранет Атанас Бабата.

Борбата во 1904 година се водела на врвот Лингура кај селото Долно Ѓуѓанце, Светиниколско. Здружените чети на Славејко Арсов и на Атанас Бабата воделе тешка битка против турската војска.

Во судирот загинале голем број македонски борци, меѓу кои и војводата Славејко Арсов, а Атанас Бабата бил тешко ранет. Турската војска имала 60 загинати и многу ранети војници.

Војводата Арсов е роден во штипско Ново Село на 17 август 1878. Се школувал во Штип, Скопје (1895) и Софија (1897/98). Во 1899 стапил во редовите на ТМОРО. Во 1900 година лежел во затвор во Кичево, а потоа во Битола. По 14 месеци со откуп успеал да излезе од затворот.

Во првите години тој бил обичен борец во четата на војводата Марко Лерински, а потоа бил избран за околиски војвода во Битолско, па во Ресенската околија. Учествувал активно на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во борбите што се воделе во Ресенско.

Кога востанието било задушено, тој отишол на лекување во Бугарија, но набрзо се вратил во Македонија заедно со своја чета. Идејќи за Ресен, во 1904 година, близу до с. Ѓуѓанце (Светиниколско), биле опколени од турски аскер. Цели 6 часа имале тешка и крвава борба. Тој бил тешко ранет и за да не падне жив во рацете на турскиот аскер се самоубил.

Атанас Бабата е роден во село Синитево, близу до град Пазарџик. Рано останува сирак и се насочува кон шивачкиот занает. Работи како калфа во Пазарџик, а подоцна во Софија. Неговите врсници го нарекуваат Бабата заради неговото крупно тело. Во Софија темпераментниот млад човек влегува во Унтерофицерското училиште и во 1897 година станува член на ВМОРО.
Атанас Бабата, заедно со Марко Лерински, Христо Чернопеев и Михаил Апостолов – Попето, е еден од луѓето кои Гоце Делчев ги испраќа како први воени инструктори во Македонија.

Во 1897 година Атанас Бабата се вклучува во четата на Антон Бозуков и заедно со четите на Гоце Делчев и Кочо Муструкот ги обиколуваат Драмско и Серско, за да го организираат населението и да собираат средства за ВМОРО.

 

Во почетокот на 1901 Атанас Бабата веќе е помошник војвода во четата на Петар Јуруков, која дејствува во Тиквешко, а подоцна истата година е назначен за самостоен војвода.

Учествува во прочуената Афера Мис Стон заедно со Христо Чернопеев, Јане Сандански, Сава Михајлов, Крсто Асенов и Андон Ќосето, која дава голема популарност на македонската борбата пред европската јавност.

За време на Илинденското востание четата на Атанас Бабата дејствува во Кратовско, каде води неколку тешки борби со многуилјадна турска војска.

На 25 јуни 1905 година меѓу селата Куклица и Пендак четата на Атанас Бабата попаѓа на турска потера. Војводата ја изнесува четата од 21 души на врвот Видин и зазема одбранбена позиција. Врвот е опсаден од неколку илјадна турска војска и башибозук. Борбата започнува околу 10 часот изутрината, но и покрај нерамноправноста на силите, четниците ги одбиваат сите напади.

Од Куманово пристигнува и кавалерија од два ескадрона, но и таа не успева да ги преземе позициите на револуционерите. Подоцна од Куманово доаѓа и планинска артилерија, која започнува да стрела кон врвот и положбата на четата станува критична. Нападите на аскерот се обновени, но комитите ги одбиваат.

Најкритичниот момент настанува кога привршуваат патроните. Тогаш четниците ги кршат своите пушки, ја уништуваат архивата и ја зачувуваат последната бомба за себе. Нерамната борба завршува со херојска саможртва, слична на борбата на Ножот. За да не паднат живи во рацете на Турците четниците самите се убиваат. Последен ја активира својата бомба војводата.