Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Се празнува десет дена по Спасовден, а педесет дена по Велигден. Се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден, туку и зашто настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.

Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените и обичаите што на овој ден се изведуваат, а се поврзани со тие верувања.

Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. На овој празник редовно му претходи Задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Овој ден меѓу народот е познат и како „Мртва сабота“.

Во новиот завет, Педесетница е денот кога се слави споменот на дарување на светиот Дух на апостолите.

Тој ден апостолите биле на едно мест во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто Јуда се обесил, но испразнетото место го зазел Матеј, кој бил избран со коцка, за вкупниот број на

Христови ученици повторно да биде дванаесет. Околу девет часот наутро, се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите.

По овој настан апостолите почнале да зборуваат на различни јазици, а многубројниот народ што се собрал поради силниот шум, помислил дека тие се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој им објаснил на луѓето дека апостолите не се пијани, туку се исполнети со светиот Дух. По ова, околу 3000 луѓе се крстиле.

Овој празник се нарекува и Света Тројца, зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи.

Настанот е опишан вториот дел од Делата на светите апсотоли од светиот апостол Лука:

  1. Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни.
    2. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа.
    3. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив.
    4. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.
  2. 5. А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото.
    6. Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сè се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик.
    7. И сите се чудеа и маеја, велејќи си помеѓу себе: „Овие што зборуваат, зар не се Галилејци?
    8. Па како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик?
    9. Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија,
    10. од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените,
    11. Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?”
    12. Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?”
    13. А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле од слаткото вино.”
    14. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови:
    15. овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот:
    16. но тоа е претскажано преку пророкот Јоил:
    17. »И ете во последните дни«, рече Бог, »ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа;
    18. и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.
    19. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад.
    20. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов.
    21. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.«
    22. Луѓе Израилци, ислушајте ги овие зборови: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него, како што и самите знаете,
    23. Него, според определениот совет, и предвидувањето Божјо предаден, вие Го фативте и, откако Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте.
    24. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, бидејќи таа немаше сила да Го задржи.
    25. Оти Давид за Него вели: »Секогаш Го гледав пред себеси Господа зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поместам.
    26. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, –
    27. зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање.
    28. Ти си ми Ги покажал патиштата на животот: Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.«
    29. Мажи, браќа, нека ми е позволено да ви зборувам слободно за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден.
    30. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог со клетва му беше ветил од плодот на неговите бедра да Го воздигне по плот Христа и да Го постави на престолот Свој,
    31. предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот и дека телото Негово нема да види распаѓање.
    32. Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци.
    33. И така, Он, откако беше вознесен со десницата Божја и Го прими Светиот Дух, ветен од Отецот, го излеа ова, што го гледате сега вие и го слушате.
    34. Оти Давид не отиде на небесата, но сам кажа: »Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна,
    35. додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.«
    36. И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.”
    37. Кога го чуја тоа, во срцата им стана мило, и му рекоа на Петра и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?”
    38. А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух.
    39. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.”
    40. И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!”
    41. И така оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души.
    42. И беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите.
    43. И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите.
    44. А сите, што веруваа, беа заедно и сè им беше општо;
    45. продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба.
    46. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце.
    47. Фалејќи Го Бога беа омилени кај сите луѓе. А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаа да се спасат.