На помалку од една година од офцијалното излегување од Европската унија, Велика Британија утре и задутре ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Западен Балкан.
Самитот се одвива во рамки на Берлинскиот процес и на него ќе учествуваат лидери од шест балкански земји, претставници на европски институции, како и од девет членки на Унијата. Овој самит е петти по ред од почетокот на Берлинскиот процес во 2014, Виена 2015, Париз 2016, Трст 2017 и сега Лондон, а домаќин ќе биде премиерката Тереза Меј.
Интересно е што Лондон не само што се подгвотвува за напуштање на ЕУ, туку неделава го пречекува и американскиот претседател Доналд Трамп па целата атмосфера во Лондон има голем политички набој.
Меј ќе ги пречека претставниците на Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и петте земји-членки на ЕУ – Германија, Aвстрија, Франција, Италија, Велика Британија. Пораката на Меј е дека „го демонстрираме нашиот долгорочен анагжман во регионот и за европската стабилност“. Домаќин на наредниот самит ќе биде Полска.
Македонија ќе ја претставува министерот за надворешни работи Никола Димитров.
На маргините на Самитот во Лондон, Димитров, заедно со еврокомесарот Јоханес Хан во вторник ќе имаат воведно излагање во Чатам Хаус, Британскиот кралски институт за меѓународни односи, на панел дискусијата „По Берлинскиот процес – иднината на регионот во следната декада“, посветена на Западен Балкан.