Дваесетина љубители на постарата генерација возила од марката фолксваген, денеска на Голак го реализираа првиот олдтајмер кампинг. Иницијативата е на делчевецот Лоренцо Трајановски, кој заедно со останатите сопственици на олдтајмери ги започнаа активностите за формирање олдтајмер кампинг-клуб што ќе биде прв од ваков вид во Делчево.
-На овој камп учествуваме сопственици на комбиња од марката фолксваген со идејата тоа да прерасне во традиција. Во Делчево вакви возила има околу десетина и мислиме дека не има доволно во иднина да формираме олдтајмер кампинг-клуб. Исто така, ќе бараме поддршка од општината да направиме кампинг парк, да го промовираме на некои интернет страни кои на запад функционираат одлично. Со тек на времето нашиот авто кампинг-клуб се надеваме дека ќе почне да функционира според сите прописи, вели Трајановски.
Трајановски, кој е претседател на здружението „Kings of the roads“, наскоро ја започнува организацијата за четвртата изложба на олдтајмери што годинава ќе се одржи напролет.
-За четвртата изложба на олдтајмери освен од Македонија имаме веќе покането гости од Бугарија, Србија, Словенија и Хрватска. Бидејќи настанот беше добро промовиран, минатата година имаше огромен интерес од учесниците што ни дава за право да се надеваме дека и годинава ќе биде така, рече Трајановски.
Тој е еден од ретките кој има сопствен возен парк од петнаесетина олдатјмери што редовно се дел од изложбата на олдтајмери во Делчево.
МИА