Властите на Исланд соопштија дека е сè поголем бројот на малолетни лица во таа земја кои влегле на пазарот на труд.
Според тамошните медиуми, во 2011 година платена работа извршувале 56 отсто од лицата на возраст од 17 години, а во 2018 година нивниот број се зголемил на 68 проценти.
На прес-конференцијата на Обдусманот во Исланд е соопштено дека економската криза од 2008 година значително ја забавила стапката на вработеност на малолетни лица, но по кризата, на пазарот на труд е сè поголем бројот на 16-годишници и 17-годишници.
Малолетните лица во таа земја можат да работат од возраст од 13 години, а нивната стапка на вработеност секоја година се зголемува.
Според најновите податоци, 13 отсто од 13 -годишниците извршуваат одредена платена работа, како и 21 отсто од 14-годишниците, 45 отсто од 15-годишниците и 59 отсто од 16-годишниците.
Најголемиот дел од малолетните лица на возраст од 14 до 17 години се вработени во секторот на трговија на големо и мало или во ресторани и хотели.