Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот Конгрес на партијата ги соопшти носителите и коносителите на пратеничките листи на претстојните парламентарни избори.
Тој ќе ја предводи листата во Изборната единица (ИЕ) 1, заедно со лидерката на ЛДП, Моника Зајкова.
Во „двојката“ прв на листата ќе биде поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а коносител вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
На гласачките ливчиња во ИЕ 3 прво ќе биде името на потпретседателката на партијата Сања Лукаревски, а веднаш под неа на министерот за земјоделие, Љупчо Николовски.
Поранешниот прв човек во Здравство, Венко Филипче кој доби силен аплауз од присутните во салата, е носител на листата во „четворката“, каде коносителка е министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска.
Собранискиот спикер Јован Митревски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе ја предводат листата во ИЕ 5.
Во шестата Изборна единица носителка е министерката за одбрана Славјанка Петровска, а коносител Агрон Демири.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека од овде почнува победата на СДСМ, а Стево Пендаровски ќе биде избран повторно за претседател.
Во обраќањето во отворениот дел од Конгресот, лидерот на партијата Ковачевски рече дека очекува двојна победа на изборите.
Вети дека во следниот мандат на СДСМ просечната плата во државата ќе достигне 1.100 евра, а до 2028 година ќе завршат преговорите за членство во ЕУ. Упати и низа критики на адреса на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги дека немаат никаков план за иднината на државата.