Со звуците на „Бог да ја благослави Америка, со завој преку увото и триумфално крената тупаница, Доналд Трамп и формално ја доби номинацијата за кандидат за претседател на Републиканците.
Во првото појавување во јавност по неуспешниот обид за атентат викендот во Пенсилванија, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави е номиниран за претседателски кандидат на Републиканската партија за претстојните избори во ноември. Неговата номинација беше потврдена на партиската конвенција.
На конвенцијата во Милвоки тој ја доби поддршката меѓу 2.500-те делегати, а официјално номинацијата ќе ја прифати во четврток кога ќе одржи и говор.
-Ѓаволот дојде во Пенсилванија, држајќи пушка, но американскиот лав повторно застана на нозе и згрме, изјави Тим Скот, сенатор од Јужна Каролина.
Ако изборот на Трамп за републикански претседателски кандидат беше извесен, тогаш изненадување е неговиот избор за потпретседател. Тоа е Џеј ди Венс, републикански сенатор од Охајо кој во минатото остро го критикуваше Трамп. Но, во меѓувреме ги промени ставовите и се претвори во еден од оние кои најсилно го бранат поранешниот претседател. Изборот на Венс предизвикува дополнителна загриженост во Брисел, но и засилени главоболки во Киев поради неговите позиции за војната.
Пред мировната конференција во Минхен, тој изрази скептицизам кон Украина. Дека неговите зборови не се разликуваат од постапките покажа и со доследноста да ја блокира помошта за Киев до последен момент во сенатот. Според него, САД едноставно немаат производствени капацитети за поддршка на војната во Источна Европа на неодредено време. Венс верува дека Украина на крајот ќе мора да и отстапи територија на Русија.