На Македонија ѝ недостигаат околу 8.000 медицински сестри. Тешките услови за работа, ниските плати и нерешениот правен статус доведоа до голем егзодус на овој здравствен кадар. Покрај заминувањето во земјите од ЕУ, голем број медицински сестри ги напуштија државните болници во приватни за подобри плати и услови. Здружението на медицински сестри бара Владата итно да преземе мерки.

„Ние сме профил кој во 2022 година беше последната генерација која дипломираше медицинска сестра по стоматологија и од тогаш недостигот е многу голем и во јавното и во приватното здравство. Проблемот е и кај работните места, каде што се ангажираат кадри кои не се соодветни за тоа работно место и кои мора да ги обучуваме за да работат. Побаравме од Министерството за образование да го врати нашиот профил во средните медицински училишта и да го избалансира овој недостиг на голем број стоматолошки медицински сестри“, вели Хамиде Љатифи, координатор за медицински сестри за стоматологија.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, пред неколку дена прашан за заминувањето на лекарите и медицинските сестри, ги обвини претходните министри кои не преземале никаков конкретен чекор. Тој кога ја презеде функцијата најави стратегија со која ќе се регулира статусот на здравствениот кадар.

Од Здружението на медицински сестри изразуваат загриженост за миграцијата на медицинските сестри, додавајќи дека само од една здравствена институција заминале 70 медицински сестри. Прашани што прави Министерството за здравство во овој правец, велат дека многу министри ветиле решение, но не успеале да ги спроведат бидејќи брзо биле сменети.