На Месечината има многу „ѓубре“ од луѓето што ја посетиле: делови од летала и сонди, камери, ранци, па дури и голф топче… На Месечината се наоѓа и правта на американскиот научник Јуџин Шумејкер – првиот човек погребан на нашиот природен сателит, пренесува „Блиц“.
Правта на покојниот астрогеолог е поставена во посебна „споменик капсула“, која во 1998 година со сонда беше лансирана на Месечината. Кратерот каде што паднало леталото е наречен Кратер на Шумејкер. Идејата да почива на Месечина не била негова, туку на негов студент.
Следат уште неколку занимливости за Месечината кои можеби не сте ги знаеле…
Таа се оддалечува од нас
Секоја година месечевата орбита се оддалечува од Земјата за околу четири сантиметри. Тоа значи дека на нашите внуци ќе им изгледа се помала и помала, додека потполно не исчезне.
Полната Месечина не ни дозволува да заспиеме
Истражување на швајцарски научници посочува дека луѓето под полна Месечина не спијат така длабоко, лачат помалку мелатонин и заспиваат пет минути подоцна од вообичаено. Сомнологот Мари Думон претполага дека тоа се должи на влијанието на зголемувањето на количеството светлина врз нашиот внатрешен часовник.
Сенките на Месечината се потемни отколку на Земјата
Астронаутите кои стапнале на Месечината, се сложуваат околу тоа. Тоа е затоа што таму ја нема атмосферата што на Земјата, на пример, ја разложува светлината.
Месечината има свое сметање на времето
„Годината“ таму е поделена на 12 денови. Секој „ден” носи име на космонаут што се приземјил таму. Тие „денови” се делат на 30 „циклуси”, а тие, пак, на часови, минути и секунди. „Ерата“ на Месечината започнува кога Нил Армстронг првпат стапнал на нејзината површина: 21 јули 1969 година, во 02:56:15 часот.
Огромни температурни разлики
Иако Месечината е на скоро исто растојание од Сонцето како и нашата планета, таму температурите варираат многу подрастично – од 90 степени Целзиусови до – 240 степени на половите на вселенското тело. Тоа е така зашто на Месечината нема атмосфера.