Стапката на позитивност на грчките острови Миконос и Милос во изминатата седмица надмина 50 отсто, а во цела Грција е над 12 проенти, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, за стапката на позитивност во периодот од 20 до 26 јуни 2022 година, на Миконос 53,53 отсто од направените тестови биле позитивни, на Милос 52,45 проценти, а на Санторини 39,51 отсто.
Според стапката на позитивност, следат островите Итаки, Парос, Карпатос, Крф, Кос и источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина со над 20 отсто.
Во конкретниот период од седум дена стапката на позитивност во Грција е 12,7 проценти, од вкупно 715.666 лабораториски тестови (ПЦР и рапд).
Националната организација за јавно здравје на Грција секоја среда заедно со дневните податоци за новозаразени, починати и хоспитализирани, ја објавува и стапката на позитивност на седумдневно ниво.
Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 3.661.004 случаи на Ковид-19, се проценува дека има 168.440 реинфекции што е 4.4 отсто од вкупниот број на позитивни резултати, а починаа вкупно 30.218 лица.