Нема пречки за отворање на македонскиот центар Никола Вапцаров во Благоевград. И покрај тоа што советниците во општината усвоија декларација против отворањето на овој клуб, првиот човек на општината за бугарските медиуми вели дека ниту има одобрено, ниту забрането отворање на како што вели приватен македонски центар.
Група луѓе изнајмиле соба од приватно лице и решиле да направат клуб. Општина Благоевград нема да го официјализира овој приватен настан. Добив покана, но нема да присуствувам на овој настан, вели Стојанов за бугарскиот весник 24 часа.
Основачите потврдија дека покрај Стојанов, покана е испратена и до бугарскиот премиер, но до овој момент поканата не е прифатена. На свеченото отоварање нема да присуствува ниту македонскиот премиер Ковачевски, кој вчера сепак даде поддршка за ваквите активности кои ги оцени како чекори кои водат до зближување на двата народи.
Досега присуство потврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски заедно со пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки, а поканата ја прифати и лидерот на Левица, Апасиев.
Вратите на македонскиот културен центар ќе бидат отворени во недела точно на пладне. Името на клубот Никола Вапцаров изминатиот период предизивика низа реакции, општинските советници прво го забранија отворањето, називот го оценија како провокација, а Вапцаров го квалификуваа како бугарски поет. Неколку дена подоцна натписот беше и оштетен со бришење на буквата „м“. Овие инциденти предизвикаа и реакција од македонското МНР кое ги оцени како провокација и спротивни на напорите за градење на добри сосоедски односи помеѓу двете земји.