Над илјада демонстриранти во Софија, синоќа протестираа против претседателот Румен Радев, за кој велат дека промовира проруски ставови.

Демонстрантите вееја знамиња на Бугарија, ЕУ и НАТО барајќи Бугарија да продолжи по својот прозападен пат.

Протестот е втор во оваа недела и се одржува под мотото „Бугарија е парламентарна република и полноправна членка на ЕУ и НАТО!“. На почетокот на неделата на истото место се собраа илјадници луѓе барајќи импичмент за Радев.

Многумина од присутните на протестот носеа плакати со натписи „Радев, слободно можеш да одиш на исток“, „Радев, агентот на Путин“, „Радев ја предаде европска Бугарија“ и други.

Организаторите од иницијативата „Правда за сите“ повикаа на функционален парламент, редовна влада и реформи во судството.