Животот стана многу скап, особено за пензионерите со ниски пензии. А повеќе од половина од тетовските пензионери спаѓаат во оваа категорија, зашто доаѓаат претежно од текстилниот сектор. Велат дека секојпат во продавница наидуваат на нови – повисоки цени. Не знаат ниту како ќе ги платат високите сметки за струја, особено во овие зимски месеци, се вели во прилогот на Телма на оваа тема.
„Скапо е, сѐ е скапо, за нас кои имаме помали пензии, тешко е, не се излегува на крај. Секој ден оди во продавница ќе видиш сѐ поскапо и поскапо. Ништо не поевтинува, само поскапува. Не знам до кога вака. За пензионерите тешко е“, изјави Абдулрезак Рустеми, пензионер од Тетово.
Претседателот на Здружението на пензионери од Тетово, Селвер Мемети, вели дека многу нивни членови се обраќаат кај нив поради финансиски потешкотии. Тие имаат опции за еднократка помош, но тоа не е доволно. Мемети вели дека процентуалното зголемување на пензиите е многу мало за оние со ниски пензии, затоа тоа треба да биде линеарно.
„Не можеме да ја следиме инфлацијата, зболемување на цените и во многу тешка состојба се пензионерите. Мора да се смени Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да се вметне и линеарното зголемување. Јас кажав и да се зголеми масата, на пример 10 %. Таа маса кога ќе се зголеми 10 % може на линеарен начин да се подели на сите пензионери“, изјави Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери Тетово.
Тетовските пензионери беа дел од протестите кои пред неколку месеци се организираа во повеќе градови, со барање за подостоинствен живот.