Државниот интерес треба да биде приоритет на сите министри и заменици во оваа техничка Влада и тука нема дилема, истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој вечерва пред почетокот на владината седница одговараше на новинарско прашање, како ја оценува работата на Владата, но и како ја коментира постапката на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој во Берово при посетата ги снимаше вработените во подрачната единица. Побара сите во техничката Влада да бидат одговорни, а политичките, партиските и бизнис интересите да не ги ставаат над општиот и државниот интерес.
-Ние се наоѓаме во еден многу важен момент, а тоа е момент кога Македонија ќе стане 30 членка на НАТО. Момент кога очекуваме да ги отвориме преговорите со Европската унија и тоа дополнително не прави поодговорни во однесувањето. Затоа апелирам до сите членови на Владата, посебно до оние од опозицијата, кои очигледно сметаат дека само политичкиот или партискиот интерес е интерес број еден за нив. Граѓаните не очекуваат да ги покажеме нашите лични или партиски очекувања, туку ние пред се мора да ги исполниме очекувањата на граѓаните, рече Спасовски.
Што се однесува за постапката на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, Спасовски забележа дека тоа се како што рече манири од времето на режимот.
-За жал не се променети, ниту сега. Јас не бев многи изненаден, затоа што истиот тој човек работеше во тој период и сега, а е многу неодговорно како дополнителен заменик министер да се однесува на еден таков начин. Дополнително, што снимањето на вработените, влегувањето во канцелариите на вработените, би рекол дрското и безобразно однесување кон вработените не е стандард, што ќе го цени било кој, ниту домашната, ниту меѓународната јавност, вели Спасовски.
Тој додаде дека органите мора да спроведат детална истрага и да обезбедат докази во однос на овој случај и како што рече да се понесе одговорност, со цел да се обесхрабрат оние кои го нарушуваат редот во институциите.
-Ова е би рекол само спектакл, замајување на јавноста од една страна и од друга страна покажување на некои начини на исто функционирање за базата, што тие ја претставуваат. Јас го осудувам тоа однесување и уште еднаш апелирам секој од нас да биде на висината на сопствената задача пред овој народ и пред оваа држава, реНче Спасовски