Професорот по сеизмологија Костас Папазахос оцени дека по серијата земјотреси што се случија во неделата на грчкиот полуостров Халкидик, чиј епицентар беше на Света Гора, нема причина за загриженост и оти земјотреси од оваа јачина се секојдневна појава во Грција.
Сепак, тој посочи дека не е исклучена можноста од земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала и ги советуваше населението и монасите на Света Гора да бидат внимателни.
Папазахос и порталот „Халкидикњуз“ соопштија дека вчера имало „сеизмичка серија на локација што е стимулирана во последните неколку недели“ и оти оваа серија може да заврши по неколку месеци, но дека може да има и земјотрес што би надминувал 5,5 и да достигне блиску до 6 степени според Рихтеровата скала.
„Најблиските области, како Уранополис, сè до Амуљани и Неа Рода и особено Света Гора, треба да бидат внимателни и да не користат стари објекти“, додаде Папазахос.
Епицентарот на вчерашниот најсилен земјотрес од 4,2 степени според Рихтеровата скала бил на 19 километри од Неа Рода на Атос, а другите земјотреси од таа серија биле со јачина од 2,4 до 2,8 степена, покажуваат податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).