Ќе бидат потребни 10 до 15 години за да се надополнат залихите на западната артилериска муниција користени за поддршка на војската на Украина во борбата против руската агресија, изјави сопственикот на големиот производител на оружје Чехословачка групација (Czechoslovak Group).
И покрај дотурот на муниција во Украина, сопственикот на ЦСГ, Михал Стрнад, рече дека на украинските сили им недостасува муниција бидејќи на западните влади полека им снемува арсенал поради ограничувањата на производниот капацитет.
– Артилериската муниција денес е многу ретка стока денес. Проценувам дека ќе бидат потребни 10 до 15 години за да се надополнат залихите (на западните армии) поради војната во Украина, рече тој.
Европските влади значително го искористија својот арсенал за поддршка на Украина. Стрнад вели дека Украина истрелува 40.000 гранати неделно од неколку стотици хаубици што и ги дале западните земји.
– На Украина и беа испорачани многу работи … Сепак, факт е дека денес Украинците пукаат помалку отколку што би можеле затоа што немаат доволно муниција, рече тој.
ЦСГ е главниот снабдувач на модернизирано оружје од советската ера за Украина, вклучувајќи тенкови, хаубици, ракетни фрлачи со повеќе цевки и борбени возила.
ЦСГ во својот инвентар има 90 модернизирани тенкови Т-72, кои ги платија САД и Холандија.
Сепак, залихите на оружје на ЦСГ од советската ера исто така се намалија, а на пазарот остануваат малку работи погодни за модернизација и испорака во Украина, истакна Стрнад.