На денешниот настан одржан во општина Неготино, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември, се обрати кандидатката за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева, која истакна дека гласот за нејзе е глас за подобра иднина, за проекти кои ќе се реализираат со програма и стратегија, како во делот на патната и комуналната инфраструктура така и во многу други области од големо значење за граѓаните на општина Неготино.

„Во делот на програмата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја нуди има голем број на капитални проекти, каде што ние даваме акцент на развој на патната и на комуналната инфраструктура, едни од поголемите проекти кои се од огромно значење се реконструкција на градски плоштад, изградба на концертна сала, реконструкција на кружен тек на влезот во Неготино и изградба на кружен тек од излезот на Неготино спрема Кавадарци. Останати проекти на кои сакам на кратко да дадам акцент е реконструкција на старата социјална зграда, реконструкција на спортскиот комплекс околу спортската сала Младост“, вели Нацева.

Кандидатката за градоначалник на општина Неготино, Марија Нацева посочи дека ќе се инвестира во делот на образованието, со реконструкција на училишта, со доделување на стипендии и финансиска поддршка за првачињата, притоа наведе дека ќе се овозможи и бесплатно патување за пензионерите и ќе се промовира локалниот туризам.

„Не застануваме само на патната инфраструктура, максимално ќе ја искористиме извонредната местоположба која ја имаме. Имаме места кои е предвидено да се урбанизираат, односно да донесеме комунална инфраструктура кадешто тие развојни зони во иднина ќе бидат привлечни места за продажба на инвеститори, а со самото тоа дополнително буџетот ќе има придобивки, ќе се отвараат инвестиции со што ќе ги задржиме младите и ќе имаме голем број на вработувања. Во делот на образованието продолжуваме со мерки кои ги отпочнавме, финансиска поддршка за секое прваче, финансиска поддршка за секое новороденче, продолжуваме со стипендии на најдобрите студенти, продолжуваме со реконструкција на училишта во подрачните одделенија каде има дотраени кровови и поставување на фотоволтаици. Предвидуваме бесплатно патување за сите пензионери, но ќе се залагаме и за зелена и енергетски ефикасна општина и за промоција на локалниот туризам“, рече Нацева.