Во Националниот парк „Галичица“ пристигнаа првите елени, сместени во репродуктивниот центар изграден специјално за таа намена.
Во објектот со комплетна инфраструктура како карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници е предвидено зимава да бидат сместени 30 елени од кои 24 женки.
Оваа активност е дел од поширокиот проект за подобрување со управувањето на Националниот парк „Галичица“ преку заштита, конзервација на биолошката разновидност и мониторинг, финансиран од Програмата на Европската унија „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“. Програмата што опфаќа повеќе проекти низ целата земја изнесува 4,3 милиони евра, а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Националниот парк „Галичица“, во рамки на проектот, со овие активности се грижи и за подобрување на управувањето со планинските тревести еко-системи со цел нивно зачувување и запирање на процесот на сукцесија. Репродуктивниот центар и елените ќе се користат исклучиво за активно управување на овие екосистеми, а не како ловиште.