Целта на Турција со најавите за отворање на дел од затворениот град Фамагуста е дополнително промовирање на плановите за финализирање на поделбата, соопшти портпаролот на кипарската Влада Мариос Пелеканос по одржаниот Национален совет на Кипар свикан од претседателот Никос Анастасијадис, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на состанокот, Анастасијадис и шефот на кипарската дипломатија Никос Христодулидис ги информирале лидерите на партиите за демаршите на земјата, а Пелеканос истакна дека „критичноста во моментов наметнува единство и едногласност во напорите за справување со новите методи на Турција за дихотомија“.

-Националниот совет го повтори својот заеднички став дека промената на статусот на делот од затворениот регион на Фамагуста од воена за цивилна употреба е јасно кршење на соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН, особено на резолуциите 550 (1984) и 789 (1992), кои повикуваат на итно префрлање на областа под администрација на Обединетите нации. Овие најави значајно им штетат на изгледите за одново започнување на преговорите за сеопфатно решение врз основа на резолуциите на Обединетите нации за Кипар, меѓународното право, принципите и вредностите на Европската унија, рече портпаролот на кипарската Влада.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган при посетата на Фамагуста во вторникот најави отворање на приморската населба Вароша и ги повика кипарските Грци да побараат надоместок за загубата на својот имот.

Фамагуста во чиј склоп е Вароша се наоѓа во северниот дел на островот и е празен и напуштен град по турската инвазија на Кипар во 1974 година.