Над 100.000 членови на СИРИЗА гласале на денешните избори за претседател на партијата до 16 часот, односно на четири часа пред затворање на гласачките места, што според грчките медиуми е поголема бројка во споредба со истиот период за време на првиот круг, јави дописничката на МИА од Атина.
Стефанос Каселакис и Ефи Ахциоглу се двајцата кандидати за лидер на СИРИЗА, кои минатата недела, во првиот круг, добија најголем број гласови.
Во различни населби во Атина, претпладнево правото на глас го остварија и Каселакис и Ахциоглу, кои испратија порака на единство и обединетост, нешто што го бараат и членовите на партијата, додека пак попладнево се очекува да гласа и поранешниот претседател Алексис Ципрас.
Во некои гласачки места има редици од членови на партијата, кои чекаат да гласаат, а не е исклучена можноста, доколку интересот е голем, а редиците долги, гласањето да биде продолжено, како што беше случај во првиот круг.
Во првиот круг имаше голем одѕив кај членовите на партијата, гласаа нешто помалку од 150.000, од кои речиси една четвртина се зачленија на денот на изборите, а победник беше 35- годишниот Каселакис со 44,91 отсто од гласовите, додека пак 38-годишната Ахциоглу доби 36,18 проценти, односно 12.800 гласа помалку.
За денешните избори, отворени се вкупно 538 гласачки места во цела Грција, гласањето започна во осум часот утрово и ќе трае до 20 часот, а право на глас имаат сите кои гласаа во првиот круг, како и оние кои се веќе членови на СИРИЗА, а овој пат не е дозволено зачленување на нови членови во текот на денешниот ден на самите гласачки места, како што беше случај минатата недела.
Според медиумите во Грција, право на глас имаат околу 180.000 членови.
Најголемата грчка опозициска партија гласа во вториот круг за избор на наследник на Алексис Ципрас кој 15 години ја водеше СИРИЗА, а пред речиси три месеци си поднесе оставка.