Околу 40 000 тони чист отпад од линдан и 6 500 тони линдан помешан со други отпадоци биле депонирани на месноста Пеленица, над скопско Драчево, покажа истражувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а пренесува Алсат. Се работи за подземна, дива депонија, создадена пред повеќе децении.

Нема прецизна информација до каде продрел токсичниот линдан во почвата, а освен земјиштето, контаминирани се и подземни води.

„Ненарушената почва, под депонијата, е контаминирана, меѓу другото, со HCH. Длабочината на контаминираната почва останува непозната, т.е. со сегашните аналитички резултати не е добиено вертикалното разграничување. Контаминацијата во површинскиот слој на почвата предизвикува еколошки ризици бидејќи контаминацијата е присутна во контактната зона. Резултатите од подземните води покажуваат дека истите во близина на локацијата се контаминирани и дека постои ризик од миграција на загадувачите“, соопштија од ресорното министерство.

Според досегашните сознанија, локацијата до 1961 година се користела за ископ на глина за керамика, што резултирало со голема јама. Подоцна, во 1976 година, јамата послужила за хемискиот гигант ОХИС да го депонира отпадот од производството на линдан, поточно – делта паста. Но, освен остатоците од линданот, анализите покажале и присуство на други видови опасен отпад, како и градежен шут.

Истражувањето покажало дека линданот не бил депониран во бетонски јами (саркофази). Нема индицикаци ниту дека бил спакуван во буриња. Досегашните сведоштва на вработени од ОХИС кои ги обезбеди „360 степени“, беа дека линданот од фабриката се транспортирал на Пеленица во буриња, но, од друга страна пак, локалното население тврди дека бурињата се краделе, а материјалот бил расфрлан низ јамата која била отворена долго време.

„Се наиде само на едно метално буре со отпад, другите буриња можеби биле отстранети во минатото, а содржината од истите расфрлана на локацијата. Нема индикации дека се случило значително одлагање на отпадот од HCH во буриња на депонијата“, велат од МЖСПП.