Меѓу загинатите се голем број на војници но и цивили од двете страни, а стотина лица и понатаму се во заложништво, пишуваат израелските медиуми
Израелската армија и премиерот Нетанјаху неколкупати порачаа дека сите Израелци кои живеат во близина на Појасот Газа треба да бидат евакуирани во наредните 24 часа, бидејќи како што кажаа следува офанзива против милитантската група Хамас која ќе биде од досега невидени размери. Од вчера утрината до денеска, официјално биле убиени над 600 Израелци а стотици се уште се држат како заложници во деловите под контрола на Хамас.
„Нашата мисија е да ги евакуираме сите жители кои живеат околу Газа во следните 24 часа. Борбите сега главно се фокусирани на спасување на заложниците што ги држат милитантите. Имаме десетици илјади војници во областа. Ќе допреме до секоја заедница додека не ги убиеме сите терористи во Израел“, велат од израелската армија.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху кажа дека земјата е во војна и ќе следи тешка и долга војна против Хамас кој вчера го изведе најсмртоносниот напад во историјата на Израел во последните 50 години.
Од друга страна, се бројат и жртвите кај Палестинците. Тамошните здравствени власти соопштија дека меѓу 313 убиени цивили има 20 деца. Исто така, тие пријавија речиси 2 000 повредени лица.
Утринава, израелската армија соопшти дека нападнала цели во јужен Либан, откако денеска неколку минофрлачки гранати биле истрелани на израелска територија.
Проектилите паднале во спорната област на планината Дов на границата со Либан, а нема извештаи за повредени или за штети, јавуваат израелските медиуми, а пренесува агенцијата АФП.
„ИДФ (Израелските одбранбени сили) преземаат подготвителни мерки и ќе продолжат да дејствуваат во сите региони и кога е потребно за да се обезбеди безбедност на израелските цивили“,се вели во соопштението на армијата.
Соопштението дојде еден ден откако Израел на југ се соочи со ненадеен напад од страна на палестинскиот исламистички Хамас од Појасот Газа.
Хамас и други палестински организации вклучени во вооружената борба со Израел се присутни и во Либан, потсетува АФП.
Либанското шиитско движење Хезболах денеска ја презеде одговорноста за ракетно-артилерискиот напад врз областа Шаба, која е под контрола на Израел од 1967 година, наведувајќи дека дејствува „во солидарност“ со палестинскиот народ.
„На патот за ослободување на нашата окупирана либанска земја и во знак на солидарност со победничкиот палестински отпор и борбата на палестинскиот народ, бригадата на Хезболах утринава нападна три места во окупираната област на либанска Шаба. Три места во Фармите Шаба, појас на либанско-сириската граница и Голанската висорамнина под израелска окупација, се директно погодени“, се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека цел на ракетите биле радарите, градот Забдин и градот Рувајсат Ел-Алам, а биле гаѓани со голем број артилериски гранати и наведувани проектили.