Денеска спроведовме 30.000 вакцинации, а очекуваме да надминеме 34.000 и можеби ова да биде дневен рекорд од почетокот на имунизацијата. Од декември спроведовме 915.000 вакцинации, 915.000 наши сограѓани се вакцинираа и во текот на неделава се очекува да надминеме еден милион вакцинации, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на денешната редовна прес конференција за процесот на имунизација во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Темистоклеус објасни дека досега се пријавени 1.266 случаи, односно жолт картон, кои биле анализирани и само мал дел биле поврзани со вакцината, поточно шест случаи на алергиски реакции.

Во однос на доставата на пратките, истакна дека од април се очекува да биде зголемен бројот на вакцини што ќе пристигнат во земјата.

Во Грција, и покрај карантинот и рестриктивните мерки, повторно има зголемен број нови случаи, вкупно 1.176 во изминатите 24 часа, а починаа 30 лица.

Драстично е зголемен и бројот на пациенти приклучени на апарати, 406, односно 15 повеќе од вчера и 27 повеќе од завчера.