Деветнаесет годишната Надалина Грозданова, преживеана во трагедијата која пред една година се случи во дискотека „Пулс“ во Кочани, првпат јавно проговори за ноќта на пожарот.
Грозданова беше една од повредените во пожарот, а сега раскажува дека нејзините сеќавања од моментот кога избувнал пожарот се избришани, но дека вистинската борба започнала по будењето од кома.
-Јас сум Надалина Грозданова и бев меѓу луѓето кои беа повредени во пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани. Сеќавањата од моментот кога избувна пламенот ми се избришани и не памтам точно што се случи, но од моментот кога се разбудив од кома во Грција знам дека во секој момент сум имала некој до мене и дека докторите и целиот медицински тим ми го спасиле животот, раскажа таа.
Таа вели дека нејзината состојба била многу критична и потребно било брзо реагирање и стручност за навреме да биде спасена.
-Благодарна сум со живот на нашата држава бидејќи интервенирала на време, не’ испратила нас покритичните на блиско место. Секоја секунда значела живот за мене, вели Надалина.
Девојката открива дека се сменила како човек од многу аспекти.
-Бев личност кога се грижеше буквално за се’ во животот. Денес сфаќам дека ништо нема вредност кога не си здрав. Добриот и здрав човек има милион желби, а болниот има една – да оздрави. Тоа го почувствував на своја кожа. Многу сакам да се борам и сакам да победувам, вели Грозданова.
Додека се лекувала на интензивна нега, таа ја добила и титулата ученик на генерацијата, но признава дека во тој момент тоа не ѝ значело ништо.




