Додека растот на цените на нафтата како последица од руската инвазија на Украина веќе се заканува на економската, политичка и социјална стабилност ширум светот, со предупредувања за рецесија, аналитичарите предвидуваат дека нафтата би можела и дополнително да поскапи, повеќе од три пати во однос на сегашната цена, го пренесува “Радио Слободна Европа” пишувањето на светските медиуми.
Аналитичарите од банката “J-P Morgan Chase” предупредиле дека глобалната цена на нафтата би можела да достигне стратосферски 380 долари по барел ако Русија на американските и европските санкции одговори со намалено производство на нафта, истакнува “Bloombeg”. Членките на Групата седум најбогати западни демократии (Г7) разгледуваат механизам за ограничување на цената на рускаа нафта во обид да ја ослабат воената машина на претседателот на Русија, Владимир Путин во Украина, укажува “Bloomberg”. Од друга страна, аналитичарите на “J-P Morgan Chase” оценуваат дека Русија, со оглед на силната фискална позиција на Москва, може да си дозволи намалување на дневното производство на сирова нафта за пет милиони барели без претерана штета по економијата.