Да се живее со уметноста значи да се живее со љубов преку која едноставно слободно се дише, се чувствува длабокиот душевен мир, вели Оливера Станковска, уметник наивец од Крива Паланка, која долги години твори рачно насликани уметнички креации на порцелан.

Во почетокот со сликање на порцелан се занимавала од хоби, но подоцна ѝ се предава на оваа уметност, која станала нејзина професија преку која има можност да обезбеди дополнителен приход. Љубовта кон уметноста, вели таа, кај неа е присутна откако знае за себе, а преку неа разговара со животот, со своето алтер его.

– Уметноста стапува на сцена кога нашата мисла ќе биде изразена: преку пишан збор, со четка и боја на одреден предмет, преку нотите и мелодијата на една песна. Како дете свирев инструмент – мандолина, пишував поезија, сликав. Во младоста изработував накит од дрво, плетев, везев и шиев на машина за шиење. Креативноста и љубовта кон уметноста беа присутни во секој сегмент од мојот живот, љубопитноста ме водеше до сѐ што е креативно, а настојував секогаш да научам нешто ново, инспиративно. По завршување на образованието и промена на местото на живеење, мојата професија во автошкола немаше допир со уметноста и рачните изработки, нo им се навратив во 2008 година. Најнапред почнав да сликам на платно, посетував работилници за лична надградба, a трагајќи по нешто ново вниманието ми го привлече преубавиот рачно сликан порцелан и оттогаш почнав да ја истражувам и применувам оваа техника на сликање. Моите први чекори беа аматерски, но секојдневно се надградував и внесував новини. Во почетокот со сликање на порцелан се занимавав од хоби, но подоцна ѝ се предадов на оваа уметност и таа постана професија преку која имав можност да обезбедам дополнителен приход. Притоа сами по себе се наметнаа нови техники, како сликање на стакло и декупаж, ни раскажа Станковска.

Според неа, почетокот е секогаш како чекорот на мало дете, несигурен, со доза несигурност и двоумење, како што вели, дали да се остане на местото каде што се чувствуваш сигурно или да продолжиш понатаму.

Оливера Станковска

– Пресудни се желбата и волјата да нурнеш во нови предизвици, а тие секогаш го победуваат стравот. Предизвиците ме водат напред, сакам кога се натпреварувам, но не со други, туку со себе, кога денес сум подобра од претходниот ден. Овие техники бараат голема прецизност и трпение. Со задоволство им се предавам, експериментирам и го комбинирам декупажот со останатите техники. Еднакво се пронаоѓам во сите техники, иако морам да признаам дека изработката на икони на порцелан ми причинуваат особено задоволство. Идеите за сликање се раѓаат спонтано, како веќе да постојат некаде во мене и само чекаат момент кога треба да ги пренесам на предметот, било да е керамика, порцелан или стакло. Тоа се случува кога изработувам предмет за своја душа или за подарок, но се приспособувам и на туѓите желби, вели Станковска.

Таа наведува дека денес е многу полесно, за разлика од почетоците, кога ги осознавала техниката и нејзините можности.

– Денес постојат многу текстови и видеа на интернет од кои делумно може да се приближиме до овие техники, да дознаеме каков материјал е потребен, постапката на работа и слично. Предноста на изработка на ракотворби како професија носи многу благодати, можеш да работиш од дома, можеш да работиш кога сакаш и во кое време сакаш и, секако, имаш доволно време за фамилијата и за себе. Времето потребно за изработка е секогаш различно, во зависност од техниката и мотивот што го пренесуваме. Некогаш се доволни еден – два часа, но понекогаш се потребни повеќе часови, доколку се користат повеќе бои или контур бои, кои со секое нанесување бараат време за сушење. За декупажот е потребно повеќе време, бидејќи се нанесуваат повеќе слоеви боја, се лепат избрани мотиви и на крајот изработката се премачкува со лак. А интересно е што не би знаела да кажам точна бројка на моите изработки, многу се. Некои од нив се поставени на мојата фејсбук-страница „ANIKO PORCELAIN“ и на мојот личен блог АНИКО СТИЛ, додава Станковска.

Малку инаква, но исто така креативна активност со која се занимава е изработката на накит со кристали, која, иако навидум се издвојува од горенаведените техники, може да се комбинира со нив, со лепење на кристалите на насликаниот и испечен порцелан, керамика или стакло. На Оливера ѝ се омилени кристалите, вели, одлично прилегаат за секоја пригода, а таа сака да ги истражува енергијата и убавината што ги нудат.

Досега организирала и неколку работилници за пренесување на знаењето во областа на сликање на порцелан, за кои секогаш има голем интерес.

– Првата работилница ја организирав во 2013 година. Таа имаше хуманитрен карактер, беше тридневна и вклучи средношколци од кривопаланечката гимназија  СОУ „Ѓорче Петров“, како и невработени лица и пензионери. Се работеа повеќе техники, како цртање и сликање на порцелан и стакло, изработки од фимо-глина и рачни изработки со срма. Потоа следуваа нови работилници и изложби во Крива Паланка. Во меѓувреме учествував на повеќе организирани базари надвор од градот, од кои секогаш поизлегува нови пријателства и идеи. Минатата година, пак, на работилница во ООУ „Јоаким Крчовски“ во градот, во рамките на меѓународниот проект „Иднинаод програмата „Еразмус+“, педесетина деца и наставници од основни и средни училишта од Португалија, Турција, Литванија, Полска и Македонија учеа сликање на порцелан. Како мотив на порцелан се сликаше македонската народна носија од кривопаланечкиот крај. Прекрасно е чувството кога своето знаење им го пренесуваш на други. Преку работилниците многумина се пронаоѓаат себеси во оваа уметност. На тој начин го зачувуваат богатството што рачните изработки го носат со себе и ги продолжуваат и ги пренесуваат традицијата и културата на генерациите кои доаѓаат по нас, додава Станковска.

Оливера Станковска е и книжевник, пишува поезија и проза и досега има објавено две стихозбирки и сонетен венец.

– Мислам дека секој од нас е креативен и секој од нас може да ѝ се предаде на уметноста, бидејќи процентот на љубов кон уметноста што ни е доделен со гените е многу мал, сето останато е постојано учење и надградба. Само малку волја и љубов, сето останато доаѓа само по себе. Кога го работиме тоа што нè исполнува, работиме со љубов, тогаш и резултатите се неминовни, секогаш се видливи. Со правилно распоредување на времето сè може да се постигне, вели Станковска.

Ирена Димитровска за МИА