Најбогатиот човек во светот, основачот и шеф на Амазон, Џеф Безос, купи имот на Беверли Хилс за 165 милиони долари, што е рекордна цена некогаш постигната за имот во Калифорнија, јави порталот Инвеститор.ме.
Повикувајќи се на извори блиски до трансакцијата, „Вол стрит џурнал“ објави дека Безос го купил атрактивниот имот од медиумскиот магнат Дејвид Гефен.
Се работи за голем имот кој првично бил изграден за поранешниот извршен директор на „Ворнер Брос“, Џек Ворнер, а купувањето следело по минатонеделните информации во медиумите дека Безос и неговата девојка активно бараат дом во Лос Анџелес.
Имотот, кој бил проектиран во 1930-тите, се состои од вила од 13.000 квадратни метри, две куќи за гости, тениско игралиште, базен и голф со девет дупки.
Вклучува и „полигон за мотори“ кој има своја гаража и бензински пумпи.
Гефен го купил имотот во 1990 година за 47,5 милиони долари, така што од продажбата оствари огромна добивка.
Претходниот рекорд за купување на недвижен имот во Калифорнија беше 150 милиони долари, кога Лахлан Мердок го купи имотот Чартвел во 2019 година.