Градоначалникот на Венеција Луиџи Буруњаро изјави денеска по новиот бран поплави дека штетите во овој историски град по најголемата поплава во последните 50 години ќе бидат стотици милиони евра. Во поплавата загинаа и двајца повозрасни мажи.
– Ние не зборуваме само за пресметување на штетата, туку за иднината на градот. Поради ова, ние го губиме населението, изјави Бруњаро пред новинарите, барајќи од Рим да прогласи вонредна состојба.
Нивото на водата вчера достигна 187 сантиметри, највисоко ниво досега забележано во Венеција, а само седум сантиметри помалку од највисокото забележано ниво во историјата, пренесе Би-Би-Си.
„Венеција е на колена. Базиликата Свети Марко претрпе сериозни штети, како и целиот град и неговите острови“, напиша Буруњаро на Твитер.
Во Венеција, криптата под базиликата Свети Марко беше поплавена по втор пат во историјата, при што вода влегувала и низ прозорците.
Поплавата е предизвикана од поројниот дожд што се совпадна со полната месечина што донесе висока плима. Исто така, градот испреплетен со канали е во опасност и поради зголемувањето на нивото на морето како резултат на климатските промени.