Најмалку 400.000 луѓе присуствуваа на погребот на папата Франциско денеска, собрани на плоштадот „Свети Петар“ и по улиците на Рим, каде што ковчегот со телото на Папата беше пренесен во црквата Санта Марија Маџоре каде што беше погребан, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози.
– Меѓу присутните на плоштадот ‘Свети Петар’ за мисата и ‘присутните по преминот’ кон базиликата ‘Санта Марија Маџоре’, проценуваме дека имало не помалку од 400.000 луѓе – рече Пјантедози.
– Погребниот обред се одржа според прописите на Ordo Exsequiarum Romani Pontificis, а го водеше кардиналот коморник во присуство на лицата наведени во соодветното известување од Канцеларијата за литургиски прослави, како и членови на семејството на починатиот Папа. Церемонијата заврши во 13:30 часот по средноевропско време – се вели во соопштението на Ватикан.
Пред таа базилика, која се наоѓа на околу шест километри од Ватикан, телото на Папата го пречекаа 40 припадници на маргинализирани групи, за кои тој особено се залагаше за време на службата, вклучувајќи мигранти, бездомници, затвореници и трансродови лица.
По погребот на папата Франциск, следуваат девет дена жалост, а потоа 135-те кардинали, членови на конклавата, ќе треба да изберат нов папа.
Поглаварот на Римокатоличката црква почина на 88-годишна возраст на 21 април.
Верниците уште од утре ќе можат да го посетат неговиот гроб во базиликата Санта Марија Маџоре, објави Ватикан.
Десетици лидери, меѓу кои американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот принц Вилијам, францускиот претседател Емануел Макрон, шпанскиот крал Фелипе, денеска им се придружија на стотиците илјади верници кои стоеја по улиците на Рим или се собраа на плоштадот „Свети Петар“.