Најмалку осум лица загинаа во поплавите, откако североисточниот дел на САД беше зафатен од поројниот дожд, последица од ураганот Ида, соопштија денеска официјални лица.
Седум од смртните случаи се пријавени во сојузната држава Њујорк, а осмиот во Њу Џерси, јави Си-Ен-Ен.
Низ целиот североисток, патиштата се претворија во брзаци, најголемата метро мрежа беше речиси целосно суспендирана и беа пријавени голем број спасувачки операции по рекордниот дожд.
Вонредни состојби се прогласени за државата Њујорк, градот Њујорк и за Њу Џерси.
Гувернерката на државата Њујорк Кејти Хокул и градоначалникот Бил де Блазио прогласија вонредна состојба, бидејќи остатоците од бурата Ида предизвикаа огромни поплави во финансискиот и културниот главен град на САД.
Научниците предупредија на зголемување на активноста на различни циклони поради затоплувањето на површината на океаните и климатските промени, што претставува зголемена закана за крајбрежните населби низ целиот свет.