Во 2025-та година на Клиниката за онкологија и радиотерпија 122 пациентки биле дијагностицирани со цервикален карцином, а во 2024 година тој број изнесувал 74. Најмладите пациентки кај кој бил откриен карцином на грлото на матката имале 18 години, покажуваат податоците од Клиниката за гинекологија и акушерство. Овој карцином се јавува кај помлади пациентки, а може да се превенира, бидејќи во Македонија од 2009 година е воведена имунизација против ХПВ вирусот. Важно е ХПВ базираниот скрининг да стане примарно помагало за откривање на овој превентабилен карцином, беше кажано на денешната прес-конференција по повод Недела за превенција од канцер на грлото на матката.

-Последните информации добиени од клиничката студија којашто е изработена од Институтот за епидемиологија, за период од 2016 до 2023 година покажуваат дека цервикалниот карцином, за жал, кај нас претставува сериозен проблем, заради тоа што во тој период 2. 263 пациентки биле дијагностицирани. Она што повеќе загрижува е што кај се помлади пациентки се јавува. Најмладите пациентки се на 18 годишна возраст, дијагностицирани 2017 и 2020 година и средната возраст е некаде 55 години. Втора работа којашто исто загрижува е дека голем процент, односно 540 пациенти, т.е. скоро 24% од овие пациентки починале, а се работи за карцином којшто е превентибилен, изјави проф. д-р Ирена Алексиоска – Папестиев, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) и претседателка на Комисијата за превенција на цервикален карцином на денешната прес-конференција.

Последната недела или целиот месец јануари се смета како месец или недела за подигање на свесноста во борбата против цервикалниот карцином, т.е. ракот на грлото на матката.

-Како претседател на комисијата за превенција на цервикален карцином да кажам дека навистина сме среќни што конечно ги имаме резултатите од пилот студијата за ефикасноста на ХПВ базираниот скрининг. Резултатите покажаа дека тоа како и што светот го говори всушност е најсофистицираниот метод којшто навистина се надевам дека ќе имаме поддршка да бидеме поддржани и од повисоките инстанци за да може да се конечно имплементира. Тоа го покажа и резултатот од опсервациската студија којшто ја направивме во 12 центри. Како резултат на тоа, работна група во склоп на комисијата за превенција на цервикален карцином изготви упатство во коешто ние даваме предлог како гинеколози во коишто беа вклучени патолог, онколог и епидемиолог, кој е најдобриот начин за конечно ХПВ да стане ХПВ базираниот скрининг примарно помагало за откривање на овој превентабилен карцином, изјави Алексиоска – Папестиев.

Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за цервикална патологија и колопоскопија истакна дека мораме да преминуваме на нови методи.

-Новата метода којашто е во скринингот и којашто според Светската здравствена организација би требале да ја применуваме веќе сите земји од 2030 година е ХПВ тестот како примарно средство за скринирање на ракот на грлото на матката, бидејќи е поточно, посензитивно и повеќе штеди пари. Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме, за тоа имаме персонал, имаме изучен кадар, така да спремни сме да прејдеме на таков приод во скринирањето да направиме да скринингот на жените во нашата Република оде во најдобар можен ред, изјави проф. д-р Димитров.

Националната координаторка за имунизација проф. д-р Александра Грозданова кажа дека бројот на вакинирани девојчиња и момчиња одат нагоре.

-Веќе сме на процентот од 60% опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме помеѓу лидерите, бидејќи и првпат помеѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината. Она што е добро дека го зголемивме и временскиот период кога оваа вакцина може да се прима. Зошто? Затоа што родителите најчесто немаа против, меѓутоа и одложуваа временски оваа вакцина, така да сега на товар на државата се вакцинираат сите момчиња, девојчиња до 19 годишна возраст. Исклучително е добро што гледаме дека кај младите се развива свеста. Веќе едукациите со здравствените работници доведоа до едно подигање на свеста, бидејќи и од нив имавме некаква стигма за прифаќање на оваа вакцина, но сега се спуштаме на ниво на разговор и едукација на родителите и младата популација, изјави д-р Грозданова..

Проф. д-р Виолета Клисаровска, раководителка на Одделението за малигни генитални тумори кај жена на Клиниката за оноколгија кажа дека според нивната најнова клиничка статистика, на Клиниката за радиотерапија и онкологија, за разлика од 2024 година кога имало само 74 пациентки, веќе во 2025та за жал имале 122 пациентки кои по првпат со оваа дијагноза се јавиле на Клиниката.

Уште посериозен станува здравствен проблем ако кажам дека прилично висок процент од 70 па и до 80% од овие пациентки се јавуваат во локално напредната болест најмалку, односно во еден значајно екстензивен процес на болеста кога навистина и најмногу труд и најдолг и најекстензивен е и третманот и се трошат и најмногу финансиски средства. Меѓутоа кратко на крајот само да кажам дека најсилното и најмоќното оружје коешто го имаме за превенција во борба со оваа болест е точно ХПВ вакцинацијата. Што поширока популација да биде благовремено вакцинирана, регуларен скрининг програм кој сериозно треба да се спроведува и да опфати што поширок дел од популацијата. Мислам дека овие две можности ни се најсилното оружје во кое со кое треба да се бориме и сериозно да разговараме за цервикалниот карцином, кажа д-р Клисаровска.

Д-р Верди Станојевич, раководител на цитолошката лабораторија во гинеколошко-акушерската клиника кажа дека на годишно ниво се работат околу 60,000 пап теста и соработуваат со над 100 матични амбуланти, со матични гинеколози.

-Во 2025 година се направени 60,000 пап-теста 2,500 пап теста беа со позитивен наод. Од тоа она што е за препастувачко имаме осум пациентки со инвазивен карцином. Тоа се значи пациенти кои веројатно долго време не биле на контрола. Апсолутно, како цитопатолог, ја поддржувам идејата на колегите гинеколози да ХПВ скринингот да биде примарен скрининг. Со оглед на тоа дека не секогаш ние на пап тестот можеме да ги откриеме промините. А со оглед во комуникација со моите драги колеги реков дека од ХПВ типизациите кои се направат на годишно ниво обично 7 до 8% излегуваат позитивни. Ако ние во моментот да кажеме гледаме 60,000, тоа 7 до 8% ќе ни бидат значи 5,000. Пак тука ќе биде доминантна улога на цитопатологот, затоа што не можат гинеколозите на основа на ХПВ-то само да направат понатамошна интервенција. Но со тоа се нас може значително да ни ги подобрат условите во која смисла? Наместо сега да гледаме 60,000 пап теста, ќе гледаме околу 5 до 6,000 пап теста и пак значи ќе даваме дефинитивна дијагноза, изјави д-р Станојевич.

Извор: Република.мк