Најуспешните 30 фирми во Македонија лани оствариле добивка поголема од 635 милиони евра и во државниот буџет само по основ на данок на добивка уплатиле барем 60 милиони евра, објави економскиот портал Фактор.
Меѓу најуспешните 30 компании три се рудници, три челичарници, три болници и четири банки. Најбројни меѓу најуспешните се компаниите за производство и ги има 14. Меѓу најпрофитабилните, пак, се 10 услужни компании.
Потребен е профит поголем од 6 милиони евра за да се биде дел од елитното друштво на најпрофитабилни 30 домашни компании. Ова го покажа рангирањето на „Фактор“ на најуспешните друштва кои работат на домашниот пазар.
Генерално на листата се етаблирани и познати компании кои се долго присутни и се активни чинители во домашната економија. Меѓу најпрофитабилните 9 се домашни поседувани компании, а меѓу нив 3 субјекти се целосно или доминантно поседувани од државата.
Меѓу најуспешните се две државни компани кои продаваат услуги т.е. организираат игри на среќа. Третата е јавната компанија задолжена да ја управува, одржува и гради патната инфраструктура.