Рекорден број шефови на држави и влади се очекуваат во швајцарскиот скијачки центар Давос оваа недела на Светскиот економски форум, но вниманието го привлекуваат и истакнати имиња кои нема да присуствуваат.

Германскиот канцелар Олаф Шолц е единствениот лидер на Г7 кој треба да присуствува на 53. состанок на Светскиот економски форум.

Американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Риши Сунак и францускиот претседател Емануел Макрон нема да патуваат во Давос.

Ниту моќните играчи надвор од Г7 – кинескиот претседател Си Џинпинг или бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој вети дека ќе ја врати својата земја на светската сцена по изолациските години на десничарскиот претходник Жаир Болсонаро.

Додека големи делови од светот се борат со зголемените цени на храната и горивата, а глобалната економија се чини дека е на работ на рецесија, претседателите и премиерите можеби сметаат дека нивниот престој во Швајцарија лошо ќе се одрази на нивната татковина.

Некои откажаа во последен момент – јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса беше еден од 52-те политички лидери на списокот на учесници на форумот, но ја откажа посетата во неделата поради актуелната енергетска криза во земјата.

Денеска започна петдневниот собир на светската елита под мотото „Соработка во распарчен свет“. Се уште не е познато дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обрати на форумот како и минатата година, додека рускиот претседател Владимир Путин нема да зборува.

Милијардерот Илон Маск рече дека се држи подалеку од Давос бидејќи настанот, на кој има повеќе панел дискусии за прашања кои се движат од монетарната политика и геополитичките жаришта до обновливите извори на енергија и јавното здравје, „нему му звучи досадно“.

Сепак, организаторите најавија дека ќе присуствуваат повеќе од 1.500 бизнис лидери од сите индустрии, вклучувајќи ги и шефовите на Microsoft, Uber, Pfizer, Saudi Aramco и голем број финансиски институции.

Светскиот економски форум отсекогаш бил место за промовирање на глобалната трговија и отворените пазари, кои се под голем притисок од избувнувањето на пандемијата на коронавирус.

Инвестициската ѕвезда Џорџ Сорос, прославен посетител на Давос, оваа година патува на Минхенската безбедносна конференција наместо на Светскиот економски форум.