Шансите на американскиот претседател Џо Бајден за реизбор на функцијата се загрозени од загриженоста на гласачите за неговата возраст, економијата и криминалот, што му дава шанса на републиканскиот противкандидат Доналд Трамп да се врати во Белата куќа, покажа анкетата на Ројтерс и Ипсос.
Истражувањето на јавното мислење покажа дека 80-годишниот Бајден моментално е изедначен со три години помладиот Трамп, кој е водечки кандидат за републиканска номинација, бидејќи и двајцата имаат поддршка од 39 отсто од гласачите, со тоа што во моментов секој петти е неопределен.
Бајден има јасна предност меѓу гласачите кои се најмногу загрижени за заштита на правата за абортус, додека Трамп е поддржан од оние кои се загрижени за криминалот, покажа анкетата.
Се наведува дека Трамп е сè уште многу „жив“ политички, и покрај серијата федерални и државни обвиненија за повеќе злосторства. Се очекува поголемиот дел од следната година да го помине во судници додека истовремено ќе ја води кампањата.
Лошата вест за Бајден е што Трамп има предност во седумте држави каде што претседателските избори во 2020 година беа најнеизвесни, а тоа се Џорџија, Аризона, Висконсин, Пенсилванија, Северна Каролина, Невада и Мичиген. Во тие држави Трамп сега е поддржан од 41 отсто од гласачите, шест отсто повеќе од Бајден, а 24 отсто се неопределени.
Бајден се соочува и со ризик да ги загуби независните бирачи, кои му донесоа победа пред три години. Доколку изборите се одржат сега, Трамп би го поддржале 32 отсто од независните, а Бајден 30 отсто, покажа истражувањето.
Гласачите изразија загриженост за возраста и способноста на Бајден да служи како претседател, при што 77 отсто од испитаниците, вклучително и 65 отсто од демократите, рекоа дека тој е премногу стар за да биде претседател, додека 56 отсто се изјасниле дека Трамп е премногу стар за да биде претседател.
Анкетата е спроведена онлајн низ САД од 8 до 14 септември, а можните отстапувања се плус-минус два отсто.