Во врска со одредени јавни реакции и обвинувања поврзани со процесот на прием на кандидати за офицери со завршен прв циклус на студии, за потребите на службите во Армијата, сакаме да ја информираме јавноста дека во објавениот Конкурс е јасно и прецизно наведено по колку лица се потребни за секоја служба пооделно. Дополнително во Конкурсот е наведено дека вкупниот број на кандидати ќе биде распределен во две групи, согласно тековните капацитети за обука на Воената академија, информираат преку соопштение од министерството за одбрана на Република Македонија.

Сепак, за да биде јавноста целосно информирана, посочуваме дека во првата група се избрани најдобрите кандидати и истите се веќе известени за нивниот прием и за датумот на почеток на обуката.

За сите останати непополнети работни позиции по служби за кои што аплицирале кандидатите, би сакале да нагласиме дека, најдобро рангираните кандидати кои ги исполниле конкурсните критериуми ќе бидат примени, а од страна службите веќе се информирани дека ќе бидат повикани во втората група курсисти. За овие кандидати, почетокот на обуката е предвиден за околу шест месеци, односно по завршување на курсот на првата група.

Оваа поделба на две групи беше планирана токму поради реалните капацитети на Воената академија во моментот, кои овозможуваат квалитетна едукација за ограничен број на курсисти истовремено.

Дополнително, укажуваме дека согласно конкурсот и потребниот број на кадар по одделни служби, за одредени служби не се пријавил ниту еден кандидат, додека за други, конкуренцијата беше исклучително голема – во некои случаи и повеќе од двојно од потребниот број.

За службите каде што нема пријавено кандидати, Министерството за одбрана ќе објави нов конкурс, при што јавноста ќе биде навремено известена.

Министерството за одбрана уште еднаш ја истакнува својата целосна посветеност на принципите на законитост, транспарентност и објективност во сите фази на процесот на прием на кандидати, со единствена цел – да се обезбеди најквалитетен и најподготвен кадар за потребите на Армијата.

Уште еднаш нагласуваме дека најдобрите кандидати за останатите места кои останаа непополнети согласно конечната ранг листа се избрани и истите се веќе информирани дека ќе бидат во втората група.

Во продолжение линкови од објавениот Конкурс, Конечната ранг листа и Решението за избор:

КОНКУРС за запишување на кандидати со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството за одбрана и Армијатана Република Северна Македонија – mod.gov.mk

Конечна ранг листа на кандидати за прием со завршен прв циклус на студии | Воена Академија

Решение за прием на кандидати по Конкурс со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување – mod.gov.mk